Остра политичка реторика и меѓусебни обвинувања ја одбележуваат битката меѓу СДСМ и Движењето ЗНАМ за доминација и влијание на политичката сцена. Додека партијата предводена од Венко Филипче обвинува дека ЗНАМ се распаѓа и функционира како приврзок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, возвраќа дека СДСМ е „друштво во стечај“ чии потези се координираат од Струмица.
Според СДСМ, во редовите на ЗНАМ се случуваат сериозни внатрешни поделби и битки за лични интереси и тендери, особено меѓу шефот Димитриевски и Горан Минчев. Од опозициската партија тврдат дека премиерот Христијан Мицкоски активно работи на создавање нов политички проект, кодно наречен „ЗНАМ 2.0“.
Целта на овој наводен проект, како што брифираат од СДСМ, е да се разбијат опозициските гласови за идните изборни циклуси, манипулација на изборниот процес и обезбедување политичка контрола преку создавање нови сателитски структури.
СДСМ ја критикува владината коалиција како нестабилна, обвинувајќи ја за фокус кон клиентелизам наместо кон суштински реформи. СДСМ алармира и за колапс на државниот буџет кој може да ја загрози исплатата на пензиите, критикувајќи ја власта за зголемено задолжување, застој во евроинтеграциите и масовно иселување на младите.
Димитриевски категорично ги отфрла овие тврдења, нарекувајќи ги политички спинови наменети да го прикријат фактот дека СДСМ под водство на Филипче се наоѓа во длабока криза.
Како директен демант за наводниот распад на партијата, Димитриевски посочува на нивните теренски активности низ државата. Според него, преполните сали за време на трибините се доказ за реалната поддршка од граѓаните. Преку овој караван, ЗНАМ се обидува да се дистанцира од етикетата на „инструмент“ на власта и да се етаблира како самостоен субјект кој промовира програма за „европска Македонија“ со силни институции.
Оваа ескалација на реториката јасно ја отсликува битката за контрола врз наративот – обид на едната страна да го зачува, а на другата да го сруши имиџот на противникот преку борба за титулата „вистинска опозиција“. Прашањето дали ваквите маневри на ЗНАМ се само подготовка за евентуално излегување од владината коалиција и пресоздавање во опозициски субјект, останува отворено.













