• Latest

За ослободувањето на украинските цивилни затвореници

July 26, 2026

Дебилност или имбецилност

July 26, 2026

Предупредување

July 26, 2026

Вештачење од 2024: Мазутот од РКМ не загадувал, а работењето на ТЕЦ Неготино ѝ заштедило над 12 милиони евра на државата

July 25, 2026

Кијив ја мина ноќта во подземните метро станици

July 25, 2026

Напад со балистички ракети во Буча кај Кијив – 10 загинати, околу 100 повредени, агресорот потрошил 17-20 милиони долари за нападот

July 24, 2026
Волфганг Ресман, Медија дијалог, Кијив, 24 јули 2026 (фото: Џабир Дерала / ЦИВИЛ)

ВОЈНА НА ТЕРОР: Д-р Волфганг Ресман за рускиот ракетен терор во Кијив

July 24, 2026
Илустрација ВИ

ЕУ го казни Гугл со рекордни 890 милиони евра поради нарушување на конкуренцијата

July 24, 2026
Фото: Фронтлајн

Унгарија отвори истрага за заемот од една милијарда евра за Северна Македонија

July 24, 2026
Фото: Генерирано со ВИ

Вашингтон со нова царинска офанзива, ЕУ, Кина и Канада реагираат

July 24, 2026

БЕЛЕШКИ ОД УКРАИНА: Затишје што не навестува ништо добро

July 23, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДИПЛОМАТСКА ПРИЗМА

За ослободувањето на украинските цивилни затвореници

July 26, 2026 08:30
in ВОЈНА ВО УКРАИНА, ДИПЛОМАТСКА ПРИЗМА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5, ЧОВЕКОВИ ПРАВА
Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: Амб. Лариса Дир
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија

Од самиот почеток на целосната руска агресија против Украина, РФ води војна против цивилното население, против луѓето. Меѓу нејзините најмалку видливи, но најболни последици е незаконското задржување на илјадници украински цивили кои не учествувале во борбени дејствија, но биле лишени од слобода само поради својата професија, граѓанска позиција, лојалност кон Украина или едноставно затоа што станале заложници на привремената руска окупација – само затоа што се Украинци.

Од 2014 година, на привремено окупираните територии на Украина систематски се документираат произволни приведувања, присилни исчезнувања, тортура, сексуално насилство, незаконски депортации, присилни преместувања, ускратување на правото на правично судење и лишување на луѓето од правото да одржуваат контакт со своите роднини и блиски.

Овие злосторства не се изолирани ниту случајни. Тие станаа составен дел од политиката на заплашување на населението на привремено окупираните територии. На прогон се изложени локални функционери, новинари, волонтери, верски службеници, просветни работници, здравствени работници, вработени во критичната инфраструктура, припадници на кримско-татарскиот народ, ветерани, граѓански активисти и обични цивили.

Луѓето се приведуваат поради својата проукраинска позиција, учество на мирни собири, работа во украински државни институции, волонтерска дејност, поседување украински национални симболи или објави на социјалните мрежи. Документирани се бројни случаи во кои цивили биле лишени од слобода без каква било очигледна причина – само затоа што се нашле „на погрешно место во погрешно време“.

Многу цивили се приведуваат без судски налог, без официјално известување за причините за приведувањето, без пристап до адвокат и без можност да ја оспорат законитоста на лишувањето од слобода. На нивните семејства со години не им се соопштува каде се наоѓа лицето, кој е неговиот правен статус, па дури ни дали е живо. Луѓето се префрлаат меѓу различни места на задржување на привремено окупираните територии и во Руската Федерација, без за тоа да бидат известени нивните најблиски, што практично го оневозможува нивното пронаоѓање. Токму затоа денес не зборуваме само за незаконско лишување од слобода, туку и за присилни исчезнувања на луѓе.

Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права потврди најмалку 1.800 случаи на континуирано незаконско задржување на цивили. Во исто време, украинските државни органи и организациите за заштита на човековите права ја проценуваат вкупната бројка на незаконски задржани цивили на меѓу 10 и 20 илјади лица, додека бројот на луѓе чија судбина останува непозната е уште поголем. Големата разлика во бројките дополнително ја нагласува злосторничката намера на Русија да сокрие каква било информација за луѓето кои се наоѓаат во заробеништво.

Поранешните цивилни заложници сведочат за систематски тепања, примена на електрична струја, лажни егзекуции, сексуално насилство, долготрајна изолација, психолошки притисок, недоволна исхрана, ускратување на медицинска помош, држење во нехигиенски услови и лишување од каков било контакт со надворешниот свет. По ослободувањето, многумина се враќаат со тешки телесни повреди, хронични заболувања, оштетен слух и вид, невролошки нарушувања и сериозни психолошки последици од тортурата.

Сите овие дејствија претставуваат грубо кршење на меѓународното хуманитарно право, на што меѓународната заедница укажува веќе петта година по ред. Женевските конвенции забрануваат незаконско лишување од слобода на цивилни лица, тортура, сурово постапување, депортација и присилно преместување на цивилното население. Сепак, Русија продолжува да врши вакви злосторства, а системот на меѓународна заштита не успева да обезбеди нивно спречување.

Еден од најилустративните примери за системскиот прогон на цивилното население е Енергодар – градот во кој се наоѓа најголемата нуклеарна електрана во Европа. По окупацијата на Запоришката нуклеарна електрана, Русија започна масовен притисок врз вработените во електраната и жителите на градот, со цел да ги принуди на соработка со окупациската администрација.

Пред окупацијата, во Запоришката нуклеарна електрана работеа околу 11 илјади лица, а во Енергодар живееја приближно 55 илјади жители. По окупацијата, околу 80% од населението беше принудено да го напушти градот. Илјадници вработени во електраната одбија да соработуваат со окупациските власти, останаа без работа или беа принудени да заминат, додека оние што останаа се најдоа под постојан притисок и ризик од незаконски прогон.

Според достапните информации, околу 2.000 жители на Енергодар по руската окупација биле незаконски приведени или биле изложени на тортура. Заклучно со април 2026 година, најмалку 37 цивили, меѓу кои вработени во Запоришката нуклеарна електрана, здравствени работници, просветни работници и други жители на градот, остануваат незаконски лишени од слобода или се водат како исчезнати. Дел од нив се држат во целосна изолација од надворешниот свет, а против нив се покренуваат фабрикувани обвиненија за „тероризам“, „шпионажа“ или „предавство на државата“.

Тоа не претставува само грубо кршење на човековите права. Тоа, исто така, создава непосредна закана за меѓународната безбедност.

Еден од фундаменталните принципи на нуклеарната безбедност, утврдени од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), е персоналот да може да ги извршува своите професионални должности без притисок и принуда. Незаконските приведувања, прогонот и присилното отстранување на украинските стручњаци од Запоришката нуклеарна електрана го поткопуваат овој принцип и создаваат дополнителни ризици за безбедното функционирање на најголемата нуклеарна електрана во Европа.

Доколку не воспоставиме ефикасен механизам за реагирање, незаконското задржување на цивили само дополнително ќе ја охрабри државата-агресор РФ да продолжи да го користи како уште едно средство за водење војна.

Токму затоа Украина доследно се залага за зајакнување на меѓународните механизми за заштита на цивилните лица.

Неопходно е да се обезбеди непречен пристап на Меѓународниот комитет на Црвениот крст до сите места каде што се држат украински цивили и воени заробеници, да се утврди местото на престој на сите исчезнати лица, да се обезбеди нивниот контакт со нивните семејства и да се воспостави ефикасен меѓународен механизам за враќање на незаконски задржаните цивилни лица.

Произволното лишување од слобода, тортурата, присилните исчезнувања, незаконското преместување на цивилни лица и инсценираните судски постапки претставуваат воени злосторства, а Русија мора да сноси одговорност за нив.

Денес илјадници незаконски задржани украински цивили мора да бидат ослободени од канџите на руското заробеништво.

Враќањето на луѓето не смее да се третира како предмет на политичко пазарење или размена. Тоа е директна обврска на државата-агресор РФ, која го прекрши меѓународното право. Праведен и траен мир е невозможен без враќањето на сите незаконски задржани украински цивили. Заштитата на човечкото достоинство, почитувањето на меѓународното хуманитарно право и неизбежната одговорност за неговото прекршување мора да останат темел на меѓународниот поредок.

 


Специјално за медиумската платформа на ЦИВИЛ | Дозволено е преземање со атрибуција и линк до изворот: CC BY 4.0


Фото извор: ФБ страница на Претседателот на Украина.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ