Украина итно бара дополнителни системи за противвоздушна одбрана, откако во масовниот руски напад во средата не успеа да пресретне ниту една од 24-те балистички ракети лансирани кон нејзината територија. Според украинските власти, во нападот загинале најмалку 17 лица.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека Алијансата работи на обезбедување на воздушната одбрана што ѝ е „итно потребна“ на Украина.
Зеленски предупреди дека намалените испораки на ракети за системите „Патриот“ би можеле да влијаат врз способноста на Украина да се брани и оцени дека не може да се исклучи можноста ограничувањето на испораките да има за цел да ја принуди земјата на поголеми отстапки во евентуални мировни преговори со Русија.
„Важно е да се отстранат сите бирократски пречки и да се донесат неопходните политички одлуки. Буквално секој ден животите на луѓето во Украина зависат од решителноста на нашите партнери во Европа и САД“, изјави Зеленски.
Според украинскиот претседател, во првата половина од 2026 година испораките на ракети за противвоздушна одбрана од сојузниците паднале на една третина од нивото во 2025 година. Тој оцени дека една од причините за недостигот е зголемената побарувачка поради конфликтот на Блискиот Исток.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека успеале да соборат 98 од 115 беспилотни летала лансирани од Русија, но ниту една од балистичките ракети. Системите „Патриот“ остануваат единственото оружје во украинскиот арсенал способно да пресретне руски балистички ракети од типот „Искандер-М“, како и проектили лансирани од системите С-400 и хиперсоничните ракети „Циркон“.
Во меѓувреме, Зеленски предупреди дека Москва се подготвува значително да го зголеми производството на балистички ракети пред зимскиот период, кога се очекува нов бран напади врз украинската енергетска инфраструктура. Советникот за одбранбени технологии Сергиј Бескрестнов проценува дека Русија би можела да лансира и до 100 балистички ракети месечно кон логистички центри, индустриски капацитети и складишта.
Недостигот од ракети-пресретнувачи дополнително се влоши поради нивната голема употреба во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран. Според анализи цитирани од Асошиетед прес, американските резерви на ракети за системот „Патриот“ се значително намалени, иако Пентагон тврди дека располага со доволни залихи.
Во исто време, НАТО најави дека првата европска фабрика за производство на ракети за системот „Патриот“ треба да започне со работа во Германија во септември. Паралелно, продолжуваат разговорите меѓу Вашингтон и Кијив за можност Украина во иднина да произведува компоненти за овие ракети, иако експертите предупредуваат дека воспоставувањето домашно производство би траело со години.
Извор: Гардијан
Подготви: Б. Ј.
Повеќе:
РУСКИ ТЕРОР ВРЗ КИЈИВ: Најмалку 17 загинати и 44 повредени во нов масовен напад со ракети и дронови












