Денес, 5 август 2026 година, е 1.624 ден од целосната руска инвазија врз Украина. Земјата повторно се разбуди со вести за загинати, повредени, големи пожари и уништена цивилна инфраструктура, по нов масовен руски напад врз Кијив и Кијивската област.
Во ноќниот напад, Русија употреби балистички ракети, други типови ракети и ударни беспилотни летала. Според последните извештаи, загинале најмалку 17 лица, а 44 се повредени. Погодени се цивилни објекти, вклучително магацини, логистички центри, поштенски објект и деловна инфраструктура, додека големи пожари го осветлувале небото над главниот град.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди дека Русија повторно извршила ракетен напад врз цивилната инфраструктура во Кијив и областа, со загинати, повредени и големи пожари.
„Ноќеска рф изврши нов ракетен напад врз цивилната инфраструктура во Кијив и областa. Избија големи пожари. Има загинати и повредени. рф уште еднаш намерно го тероризира цивилното население, грубо кршејќи го меѓународното право. Потребни се ПВО и засилен притисок врз агресорот“, порача Дир.
Во текот на ноќта, ЦИВИЛ Медиа беше во контакт со извори во Кијив, кои јавија дека голем број граѓани побарале засолниште во подземните метро-станици, додека над градот одекнувале експлозии и избувнувале пожари. Ова сведоштво се вклопува во пошироката слика на животот под постојана воздушна закана. Ноќите во Кијив се претвораат во долги часови на неизвесност.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, соопшти дека во нападот загинале 17 лица, а 44 се повредени. Тој повторно ја истакна потребата од навремена испорака на системи за противвоздушна и противракетна одбрана, особено поради фактот што балистичките ракети можат да бидат пресретнати само со ограничен број современи системи и пресретнувачи.
Украинската противвоздушна одбрана успеала да пресретне најголем дел од дроновите, но не и балистичките ракети. Според Асошиејтед прес и „Гардијан“, Русија во нападот употребила 24 балистички ракети, уште четири хиперсонични или суперсонични ракети и 115 дронови. Украина пресретнала 98 од 115 дронови, но не успеала да собори ниту една балистичка ракета, што уште еднаш ја покажува критичната зависност од системите Patriot и недостигот од ракети-пресретнувачи.
Погодените објекти ја потврдуваат природата на руските напади – се спроведува терор врз цивилното население. Според извештаите, меѓу оштетените или уништените објекти има логистички центар на „Епицентр“, сортирен центар на „Нова Пошта“, магацини и пиварница. Русија упорно тврди дека цел се објекти поврзани со воена логистика, но доказите од теренот и сведоштвата покажуваат дека погодените локации се дел од цивилната инфраструктура и секојдневниот живот.
Во Кијив и околината биле пријавени големи пожари, оштетувања и спасувачки операции. Во нападот погодил се погодени седум локации, а предизвикани се и пожари. Службите работат на извлекување луѓе од урнатините. Во дел од извештаите се споменува и истекување амонијак, што дополнително ја зголемува опасноста за цивилното население и спасувачите.












