Александар Иванов
На Денот на демократијата редовно слушаме испразнети фрази за избори, институции и човекови слободи и права. Но реалноста е далеку побрутална: што навистина останува од демократијата кога гласачкото право е сведено на циничен ритуал, а умот на граѓанинот е претходно темелно обработен од партиски пропаганди, клиентелистички портали и алгоритми програмирани да произведуваат слеп гнев?
Демократијата без јавен разум не е владеење на народот, туку обично пребројување на зашеметени и евтино поткупени гласови со наративи за „релативизирање на здравиот разум“. Во нашето секојдневие, јавноста одамна е тренирана да голта апсурди без да трепне. Властите без срам ни продаваат бајки дека едномесечни масовни концерти чинат точно „нула денари“. Kако настапот на стадион или плоштад да е библиска привилегија, а бината, озвучувањето и хонорарите да паѓаат од небо, наместо од нетранспарентни зделки, скриени јавни трошоци и се разбира, општествено одговорните компании. Истовремено, наместо дебата за суштински реформи, сведочиме на гротескни пропагандни војни околу тоа во чиј мандат се пиело позаматена и поопасна вода.
Во случајот со Гостивар, партиските штабови го сведоа елементарното цивилизациско прашање на детско препукување од типот „вашата вода беше позатруена од нашата“. Додека граѓаните од чешмите полнат фекалии и бактерии, јавниот разум е веќе клинички мртов. Секое лето „политиката на летниот инженеринг“ ни е пополнета од стенд – ап политичари, кои гасат пожари со рилсови. Во истиот период се објавуваат критични пресуди, се преквалификуваат кривични дела и масовно се објавуваат јавни огласи.
Јавниот простор е претворен во пазар на внимание каде што бесот и навредата се најисплатливата валута. И тоа ни доаѓа од највисоко ниво, од самите елити. Во моето скромно разбирање, нашите политичари ја претставуваат институцијата, преземаат дејствија во нејзино име, а не се САМАТА ИНСТИТУЦИЈА. Тоа ти е како полицаецот да каже: ЈАС СУМ ЗАКОНОТ. Во услови на елементарна неписменост, овие наративи се крајно опасни.
И така политиката повеќе не убедува со аргументи; таа го таргетира дигиталниот двојник на гласачот со сервирани непријатели и страв. Наместо критички медиуми што ќе прашаат чии џебови се полнат зад „бесплатните“ фестивали или зошто градовите се дават во депонии, добиваме послушници кои ја релативизираат секоја мизерија. За иста злоупотреба едните врескаат за предавство, а другите молчат, зависно од бојата на партиската книшка. Најсликовит доказ за оваа организирана анестезија е колапсот на главниот град: поради судир на партиски суети и клиентелистички инает, Скопје се врати четири децении наназад со урнисан јавен превоз. Додека Софија и Солун градат и шират метро-линии, ние сме со векови оддалечени од нив, заглавени на автобуска станица чекајќи возило што не доаѓа.
Во ваков контаминиран терен, вештачката интелигенција е сечиво со две острици. Таа може фабрички да штанца дезинформации, ботовски коментари и виртуелна еуфорија за корумпирани функционери. Уште потрагично е што самите политичари почнуваат да веруваат во сопствената дигитална лага, затворајќи се во балон каде што проблемите не постојат. Сепак, технологијата може да биде и алатка за отпор: таа може да ја сочува јавната меморија, да ги спореди старите изјави со новите буџети и веднаш да го соочи секој демагог со доказите за потрошените народни пари.
Ниеден алгоритам нема да ја спаси државата доколку општеството се откаже од мислењето. Најголемата опасност не е граѓанинот да нема одговор, туку да престане да прашува: Кој ја плаќа сметката? Кој профитира од хаосот? Во чиј интерес се сервира лагата? И кој ќе понесе кривична одговорност?
Демократијата не започнува на изборниот ден пред кутијата. Таа започнува оној момент кога власта ќе биде принудена да положи сметка, наместо да сервира евтин циркус.
Овој текст е дел од иницијативата на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември. На покана на ЦИВИЛ, автори од различни области придонесуваат со свои размислувања за состојбата, предизвиците и одбраната на демократијата. Ставовите изнесени во текстот се лични ставови на авторот.
По повод Меѓународниот ден на демократијата, прочитајте ги и соопштенијата на ЦИВИЛ – Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија. и на DDGI и WA4U – Во одбрана на демократијата. Во солидарност со Украина.












