Редакција ЦИВИЛ Медиа
Во соработка со Дебатната група за општествени и политички прашања при ЦИВИЛ
Во деновите по одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) повторно да ги зголеми клучните каматни стапки, во македонскиот медиумски простор се појави познатата равенка: ЕЦБ ги зголемува каматите, Еурибор расте, кредитите поскапуваат, а граѓаните треба да се подготват за повисоки рати.
Дел од ова е економски точно, но не и равенката во целост.
Анализата на официјалните податоци од ЕЦБ, Народната банка на Србија, Централната банка на Црна Гора, Народната банка на Северна Македонија и европската регулатива покажува дека врската меѓу каматата на ЕЦБ и ратата што ја плаќа еден граѓанин во Скопје е многу посложена.
Зголемувањето на каматите во Франкфурт може да создаде притисок врз цената на кредитите. Но не е наредба до македонските банки да ги зголемат каматите, ниту автоматски ја зголемува секоја постојна кредитна рата.
Мора да се прави разлика меѓу економските факти и медиумската рамка со која тие се презентираат во јавноста.
Што навистина одлучи Европската централна банка?
На 10 септември 2026 година, Управниот совет на ЕЦБ одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки за 0,25 процентни поени. Депозитната стапка ќе изнесува 2,50%, стапката за главните операции за рефинансирање 2,65%, а маргиналната кредитна стапка 2,90%.
Има еден мал, а значаен детал: новите стапки стапуваат во сила на 16 септември, а не на денот кога е донесена одлуката.
Уште поважно, самата ЕЦБ не кажува дека започнала однапред утврдена серија на зголемувања. Напротив, експлицитно наведува дека идните одлуки ќе зависат од податоците и дека Управниот совет не се обврзува на однапред определена патека на каматните стапки. ЕЦБ проектира инфлација од 3% во 2026, 2,5% во 2027 и 2,1% во 2028 година.
Оттука, дури и тезата дека периодот на високи европски камати нужно ќе трае долго е прогноза, а не утврден факт.
ЕЦБ не ја определува ратата на кредитот во Северна Македонија
Клучната каматна стапка на ЕЦБ е инструмент на монетарната политика на еврозоната. Таа влијае врз финансиските пазари, Еурибор, цената на финансирањето и очекувањата. Но не е малопродажна цена што банката автоматски ја пренесува на клиентот.
Кај постоечките кредити најважно е што пишува во договорот. Ако кредитот има фиксна каматна стапка, промената на Еурибор сама по себе не ја менува ратата во периодот во кој каматата е фиксирана. Ако кредитот има променлива каматна стапка врзана за Еурибор, тогаш растот на референтната стапка може да доведе до поголема рата, но при договореното следно усогласување и според формулата наведена во договорот.
Во дел од македонските медиуми, и покрај драматичните наслови во кои доминира прашањето дали граѓаните ќе плаќаат повисоки рати, сепак, во прилозите прават дистинкција: ефектот е врз кредитите со варијабилна каматна стапка врзана за Еурибор, додека фиксните камати не се менуваат по таа основа.
Дополнително, не сите променливи камати во земјава се врзани за Еурибор. Македонската банкарска асоцијација објавува и Национална референтна каматна стапка – НРКС. Интересно, таа во текот на 2026 година не расте, туку постепено се намалува: од 2,71% во јануари на 2,63% во септември.
Тоа само по себе е доволно предупредување против генерализацијата дека „каматите растат“ на ист начин за сите кредити.
Што покажуваат локалните бројки?
Најновите достапни податоци на Народната банка не покажуваат општо и драматично поскапување на кредитите. Во јули 2026 година просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,68%. Тоа е само 0,01 процентен поен повеќе од претходниот месец, но 0,23 процентни поени помалку отколку во јули 2025 година.
Кај новоодобрените кредити, просечната стапка изнесувала 4,44%, со годишно зголемување од само 0,02 процентни поени. Кај домаќинствата, просечната стапка на вкупните кредити била 5,02%, што е 0,26 процентни поени помалку отколку една година претходно.
Интересен е и другиот дел од приказната. Во дел од медиумските анализи се тврди дека, додека должниците губат, штедачите може да бидат „меѓу ретките добитници“, бидејќи повисоките камати им овозможуваат на банките да понудат поголем принос на депозитите.
Тоа е можна економска последица, но актуелните македонски бројки не покажуваат таква едноставна симетрија. Просечната камата на вкупните депозити во јули била 2,18% – 0,03 процентни поени пониска отколку една година порано. Кај новите депозити имало годишен раст, но истовремено и месечно намалување.
Со други зборови, не може истовремено зголемувањето на европските камати да се претставува речиси автоматски како товар за должниците, а користа за штедачите да остане само теоретска можност, без проверка што навистина прават банките со двете страни од својата каматна политика.
Црна Гора го руши митот за автоматизмот
Најсилниот регионален контрапример доаѓа од Црна Гора. Централната банка на Црна Гора, земја која го користи еврото, по истата одлука на ЕЦБ експлицитно соопшти дека не очекува значително непосредно влијание врз домашните каматни стапки.
Причината е многу конкретна. Само 6,12% од кредитите во Црна Гора се со варијабилна каматна стапка. Уште поважно, на крајот на јули депозитите на граѓаните и компаниите изнесувале 6,21 милијарди евра и претставувале 88,55% од вкупните обврски на банките, без капиталот.
Оттаму, црногорската централна банка заклучува дека трошоците за финансирање на домашните банки не се непосредно врзани за промените на клучните каматни стапки на ЕЦБ. Според неа, влијанието не е ниту директно ниту автоматско, туку зависи од ликвидноста, конкуренцијата, изворите на финансирање, понудата и побарувачката и деловните политики на банките.
Тоа е исклучително важен пример за македонската дебата. Не затоа што структурата на двата банкарски системи е идентична, туку затоа што покажува дека сериозна централна банка не ја сведува равенката на:
„ЕЦБ ја крена каматата, значи банките мора да ги кренат кредитите“.
И самата Народна банка во својата анализа на македонскиот банкарски систем утврдува дека традиционалниот домашен модел во голема мера се заснова врз депозити. Во извештајот за 2023 година, депозитите претставувале 77,4% од вкупните обврски, а депозитите на домаќинствата биле најважен поединечен извор на финансирање.
Затоа прашањето за структурата на финансирањето мора да биде дел од секоја сериозна анализа за тоа колку одлуката на ЕЦБ навистина ја зголемува цената на парите за македонските банки.
Србија: Не „банкарски модел“, туку регулаторна интервенција
Особено интересно е претставувањето на Србија. Во дел од регионалната приказна може да се добие впечаток дека српските банки развиле некаков поповолен модел за кредитирање. Официјалните документи покажуваат нешто друго.
На 25 август 2025 година, Народна банка на Србија им наложила на банките што нудат потрошувачки, готовински и станбени кредити да ги изменат понудите до 15 септември и да обезбедат поповолни услови за вработени и пензионери со месечни примања до 100.000 динари (околу 850 евра). Мерката била преземена во рамките на регулаторната и супервизорската функција на централната банка.
Тоа не била само препорака на која банките доброволно одговориле. Дополнително, Србија во март 2025 година донела нов Закон за заштита на корисниците на финансиски услуги, кој Народната банка го опишува како системско и долгорочно решение за ограничување на каматните стапки кај сите кредитни производи за населението. Сите банки подоцна ги усогласиле своите понуди со супервизорските очекувања.
До крајот на јуни 2026 година биле одобрени повеќе од 440.000 кредити под овие услови, во вредност од над 350 милијарди динари. Просечната камата на новите готовински кредити паднала од 10,2% во декември 2024 на 8,4% во јуни 2026, а кај новите станбени кредити од 6,5% во септември 2023 на 4,5% во јуни 2026.
Значи, ако некој во Северна Македонија се повикува на „српскиот модел“, треба прецизно да каже што во што се состои, а тоа е активна регулаторна интервенција во корист на кредитокорисниците, а не доказ дека пазарот сам од себе произведува пониски камати.
Ни Европска Унија не го третира кредитот како недопирлив простор на банките
И европската регулатива е важна за оваа дебата. Директивата на ЕУ за станбени кредити предвидува дека кај варијабилните каматни стапки индексите или референтните стапки мора да бидат јасни, достапни, објективни и проверливи. Кредиторот, по правило, мора да го извести потрошувачот за промена на каматата пред таа да стапи во сила и да му ја соопшти новата висина на плаќањата.
Уште позначајна е новата Директива на ЕУ за потрошувачки кредити. Член 31 од Директивата бара од земјите членки да воспостават мерки за спречување злоупотреби и заштита на потрошувачите од прекумерно високи каматни стапки, ефективни годишни стапки и вкупни трошоци на кредитот. Самата директива експлицитно ги наведува горните граници (caps) како можен инструмент.
Земјите членки требаше да ја транспонираат Директивата до 20 ноември 2025 година, но новите правила почнуваат да се применуваат од 20 ноември 2026 година. Значи, европската насока воопшто не е дека регулаторот треба немо да набљудува што ќе одлучат банките. Напротив, заштитата од прекумерни трошоци за кредитирање станува експлицитна компонента на европското потрошувачко право.
Каде започнува банкарски поволната рамка
Затоа, проблематична е формулацијата „ЕЦБ ги зголеми каматите – кредитите поскапуваат“. Не значи дека е неточна за одреден кредит. Но како општа порака изоставува премногу фактори.
Не кажува колкав дел од македонските кредити навистина имаат променлива каматна стапка. Не кажува колку од нив се врзани за Еурибор, колку за домашна референтна стапка, а колку сè уште се во фиксен период. Не го прикажува трошокот за финансирање на банките. Не ја одвојува референтната стапка од банкарската маржа. Не објаснува кога се врши следното договорно усогласување. И ретко го поставува прашањето дали банките со иста брзина ги пренесуваат поволните движења врз каматите на депозитите или врз цената на кредитите.
Токму таквата селекција на факти може да создаде наративна рамка што е поволна за банките и тоа на начин што поскапувањето на кредитите се претставува како надворешна, речиси природна последица што доаѓа од Франкфурт, наместо како резултат и на конкретни деловни одлуки, договорни правила, пазарна конкуренција и регулаторни одлуки.
Пример е формулацијата дел од медиумите дека за граѓаните последицата е „едноставна“ – кредитите може да останат скапи подолго, додека повисоките камати истовремено им даваат простор на банките да понудат подобри приноси на депозитите. Навистина, прочитавме и огради, односно во текстовите не се изнесуваат тврдења дека сите рати автоматски ќе растат, но основниот наратив се поставува во насловите и тоа во во насока „повисоки камати – поскапи кредити“ – последица од одлуките во Франкфурт.
Примерот на Црна Гора е доказ дека растот на каматите на ЕЦБ не мора автоматски да доведе до поскапување на сите кредити. Затоа, се отвора прашањето дали финансиските институции на Северна Македонија треба да разгледува механизми за олеснување на товарот на кредитите.
Можеби нема координирана пи-ар операција во корист на банките, но медиумските наративи сигурно се во нивна корист
Би било пресилна констатација да се каже дека се води координирана пи-ар операција во корист на македонските и српските банки. Напротив, српскиот пример покажува дека регулаторот интервенирал против високата цена на задолжувањето и наложил поповолни услови. Тоа, секако, може да се употреби во други цели на популистичката пропаганда на српските власти, но тоа е веќе поинаква анализа.
Тоа што може да се констатира е дека во дел од медиумите може да се забележат наративи што им одат во прилог на интересите на банкарскиот сектор. На некој начин, јавноста и корисниците на банкарските кредити се подготвуваат за потенцијално поскапување на кредитите и тоа како неминовна последица на надворешната монетарна политика.
Шест прашања
За да се разбере целиот контекст поврзан со одлуката на Европската централна банка и да се избегнат шпекулации и прогнози или „подготовки на јавноста“, Народна банка и банкарскиот сектор би требало јавно и прецизно да одговорат на шест прашања:
- Колкав дел од кредитите на домаќинствата во земјава се со фиксна, варијабилна и комбинирана каматна стапка, и колкав дел од варијабилните кредити се врзани за Еурибор?
- Колкав дел од изворите за финансирање на банките денес доаѓа од домашни депозити, а колкав од странски или меѓубанкарски извори чија цена е непосредно почувствителна на ЕЦБ?
- Колкави се просечните банкарски маржи над референтните стапки кај станбените и потрошувачките кредити и како се менувале во последните две години?
- Во која мера зголемувањата и намалувањата на референтните стапки се пренесуваат врз кредитните камати, а во која мера врз каматите што банките им ги плаќаат на штедачите?
- Дали Народната банка разгледува дополнителни механизми за заштита на ранливите кредитокорисници, вклучително и решенија споредливи со новите европски правила и регионалните практики?
- Дали јавноста може редовно да добива агрегирани податоци за бројот и вредноста на кредитите што ќе бидат предмет на следно усогласување со Еурибор, наместо ефектот да се проценува преку општи претпоставки?
Каматата од Франкфурт е само дел од равенката
Да се разбереме. Одлуката на ЕЦБ е важна за Северна Македонија. Растот на Еурибор е реален ризик за дел од кредитокорисниците. И високите камати можат да ја намалат потрошувачката и инвестициите.
Но од тоа не следува дека секој кредит мора да поскапи, дека секоја рата мора да порасне или дека банките се само пасивни преносители на цена определена некаде во Франкфурт.
Црна Гора покажува дека структурата на кредитите и финансирањето може значително да го амортизира ефектот. Србија покажува дека регулаторот може директно да интервенира во заштита на граѓаните. Европската Унија оди кон посилни механизми против прекумерно високите трошоци на потрошувачките кредити. А актуелните македонски статистики засега не покажуваат широк скок на просечните кредитни камати. Оттаму, автоматски скок на каматите не би бил оправдан само затоа што се донела некоја одлука во Франкфурт.
Затоа, прашање колку ЕЦБ ги зголеми каматите е важно, но поважни се прашањата наведени погоре. А најважен е одговорот на прашањето – колку од тоа зголемување навистина ќе падне врз грбот на македонските граѓани, а особено колку сето тоа зависи од одлуките на банките и регулаторот.
Ова се прашања за секој што ќе го помине прагот на банките во земјава. За жал, одговорот ретко се наоѓа во рекламните брошури, банкарските пораки по вибер или мејл, а и во медиумите ретко се наоѓа опис заснован на факти. Во општата трка за преживување, не е чудо што медиумите се пријателски настроени кон банките. За секој случај.












