Русија ја продолжува интензивната воздушна кампања против Украина, со масовна употреба на беспилотни летала, наведувани авионски бомби и ракети врз градови, инфраструктура и цивилни објекти. Најновите напади врз Одеса, Краматорск, Запорижја, Кривиј Рих, Житомирската област и пограничната инфраструктура кон Полска повторно покажуваат дека Кремљ нема намера да ја запре својата воена агресија.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди на размерите на руската воздушна кампања во текот на оваа недела.
„Само во текот на оваа недела рф лансираше врз 🇺🇦 2100 дронови. Значителен дел од нив се реактивни „Шахеди“, со кои русите се обидуваат да ја уништат економијата и да ги разурнат животите на луѓето. Непријателот употреби 1700 наведувани авионски бомби и 78 ракети од различни типови“, напиша Дир.
Овие бројки се поклопуваат со изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, според. Агресорот во текот на изминатата недела продолжи да таргетира енергетска, железничка, логистичка и цивилна инфраструктура.
Само во текот на оваа недела рф лансираше врз🇺🇦 2100 дронови. Значителен дел од нив се реактивни „Шахеди“, со кои русите се обидуваат да ја уништат економијата и да ги разурнат животите на луѓето. Непријателот употреби 1700 наведувани авионски бомби и 78 ракети од различни типови pic.twitter.com/9YEi2VARE7
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 13, 2026
Во ноќта кон 13 септември, Русија нападна со 453 беспилотни летала од различни типови, а украинската противвоздушна одбрана соопшти дека соборила или неутрализирала 409 од нив.
Минатата ноќ Одеса повторно беше една од главните цели. Најмалку пет лица се повредени во руски дронски напад врз градот утрото на 13 септември, при што се оштетени станбени зони во повеќе делови од градот. Нападот доаѓа по претходниот удар врз Одеса, во кој беа убиени две лица, а десетици беа повредени.
Во саботата, руските напаси низ Украина убија најмалку девет лица и повредија десетици други. Такви беа нападите врз Краматорск, Звјахел, Запорижја, Кривиј Рих и Одеската област. Во Краматорск, локалните власти соопштија дека руски сили погодиле приватни автомобили во три одделни напади за околу 90 минути, при што загинале тројца цивили.
Агресорот изврши напади и во близина на границите со земји членки на ЕУ и НАТО. Во еден од тие напади погоден е камион во близина на преминот Дорогуск-Јаходин, на околу 800 метри од полската граница, по што преминот накратко бил затворен. Во одделен напад, руски дрон погоди патнички воз на линијата Кијив–Варшава во близина на полската граница, без пријавени жртви.
Тактиката на рускиот агресор содржи нови елементи. Покрај нападите врз енергетиката и градовите, сè почесто се таргетира железницата, граничните премини, бензинските пумпи, магацините, логистичките капацитети и економската инфраструктура. Претседателот Зеленски оцени дека Русија ја проширува војната подалеку од фронтот, кон економијата, со уништување на објекти што им помагаат на луѓето да издржат во услови на војна.
На фронтот, не е потврдена поголема оперативна промена, но борбите останува интензивни, особено во Донецката област. Украина се подготвува за месеци на жестоки борби околу клучните утврдени градови Словјанск и Краматорск.
Украина, паралелно, продолжува со стратегијата на „долгометни санкции“ врз руската енергетска, индустриска и воена инфраструктура што ја одржува агресијата. Погоден е еден од најголемите руски производители на синтетичка гума во Тољати, а во последните месеци украинските напади врз руската нафтена инфраструктура предизвикаа сериозни нарушувања во тој сектор.
Украина има потреба од повеќе ПВО, противбалистичка одбрана, пресретнувачи и системи за борба против реактивни дронови. Кабинетот на претседателот на Украина објави дека се забрзува производството на пресретнувачи за реактивните „Шахеди“, токму поради руското зголемување на брзите офанзивни системи.
Агресорот спроведува систематски терор врз цивилниот живот. Кога за една недела се лансираат илјадници дронови, стотици наведувани бомби и десетици ракети, целта не е фронтот, туку економијата, отпорноста, домовите, патиштата, железницата, пристаништата и секојдневието на луѓето.
Одговорот на демократскиот свет мора да биде брз и практичен: повеќе одбрана за украинското небо, посилни санкции против руската воена индустрија, прекин на каналите за набавка на компоненти и јасна политичка позиција дека руската стратегија на терор не смее да се нормализира.
ЦМ Деск












