На 1.667-от ден од целосната руска инвазија врз Украина, Русија изврши нов масовен напад со дронови, балистички и крстосувачки ракети врз повеќе украински региони. Главни цели на нападот беа Кијив, Запорижја и Одеската област, а украинските власти јавуваат за оштетени станбени згради, енергетски објекти, транспортна и цивилна инфраструктура.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди дека Русија повторно нападнала цивилни објекти и дека само притисокот и оружјето можат да го запрат теророт.
„157 дронови, балистички и крстосувачки ракети — рф нападна цивилни објекти во 🇺🇦. Под удар се енергетските објекти во Сумската област, оштетени се станбени згради во Кијив и Одеса, над 20 лица се повредени, меѓу кои и деца. Само притисокот и оружјето можат да го запрат овој терор“, напиша Дир.
Според извештајот од украинските воздухопловни сили, нападот започнал вечерта на 16 септември и траел во текот на ноќта кон 17 септември. Русија употребила противбродски ракети „Оникс“, балистички ракети „Искандер-М“/С-400/KN-23, четири крстосувачки ракети „Калибар“, 10 „Бандерол“/Dan-T цели и 157 ударни дронови од типот „Шахед“ и дронови-мамки „Пародија“. Повеќе од половина од дроновите биле реактивни, што дополнително ја отежнува работата на украинската противвоздушна одбрана. Украинската ПВО соопшти дека соборила или неутрализирала 131 воздушна цел — седум „Бандерол“/Dan-T и 124 дронови. Погодоци се регистрирани на 36 локации.
Во Кијив, нападот предизвика оштетувања на станбени згради, канцелариски и магацински објекти. Во главниот град се повредени најмалку 18 лица, меѓу нив и две деца. Руските ракетни и дронски напади низ Украина повредиле најмалку 19 лица, вклучително и деца, а украинската ПВО соборила или неутрализирала 131 воздушна цел во нападите врз Кијив, Запорижја и Одеса.
Во Одеса, руски напад оштети станбен објект, а според украинските служби за итни состојби, повредени се седум лица, меѓу нив и две деца. Украинските и меѓународните извештаи наведуваат и оштетувања на домови, гаражи, автомобили и други цивилни објекти во регионот.
Во Сумската област, руски напади предизвикаа пожари и оштетувања на енергетски објекти и станбени згради. Одеса и Суми претрпеле пожари и цивилни последици во новите руски напади, информираат украинските служби за итни состојби и локални власти.
Нападот има и поморска димензија. Руски дрон погодил цивилен брод под танзаниско знаме на пат кон украинско пристаниште, при што загинал капетанот, а тројца членови на екипажот биле повредени.
Агресорот, како и секогаш, тврди дека напаѓа индустриски, енергетски и транспортни објекти поврзани со украинската одбрана. Но последиците на теренот ја откриваат цивилната цена: повредени деца, оштетени станбени згради, погодени енергетски објекти, пожари, уништени домови и нов бран страв за населението во украинските градови.
Посебно загрижувачка е зголемената употреба на реактивни „Шахеди“ и други побрзи беспилотни системи. Агресорот го проширува производството и употребата на реактивни дронови, кои се потешки за пресретнување и го зголемуваат притисокот врз украинската ПВО. Паралелно, Украина тестира нови домашни пресретнувачи и бара повеќе западни системи и ракети-пресретнувачи за заштита на градовите.
Овој напад се надоврзува на серија удари во кои Русија во последните денови таргетираше јавен превоз, автобуси, патнички возови, железнички станици, енергетски објекти, станбени згради и логистичка инфраструктура. На 16 септември, руски дрон погоди патнички автобус во Никополскиот реон, при што загинаа пет лица, а најмалку седум беа повредени. Истиот ден беше нападнат и патничкиот воз Кијив–Миколајив, без пријавени жртви меѓу патниците.
Украина продолжува и со стратегијата на „долгометни санкции“ — удари врз руската нафтена, воена и логистичка инфраструктура што ја одржува агресијата. Претседателот Зеленски потврди украински напади врз руската нафтена рафинерија во Јарослављ и воен аеродром во Ростовската област, како дел од обидот да се намали способноста на Русија да ја финансира и снабдува војната.
Пораката на амбасадорката Дир ја сумира суштината на украинскиот апел: притисокот и оружјето се неопходни за да се запре рускиот терор. Тоа значи повеќе ПВО и противбалистичка одбрана, повеќе пресретнувачи, побрзи испораки на оружје, посилни санкции против руската воена индустрија и затворање на каналите преку кои Кремљ набавува компоненти за ракети и дронови.
Џ. Дерала












