FRONTLINE објави нов сатиричен текст со наслов „Чалам на виткање, карактер на расклопување“, потпишан со псевдонимот Хан Соло Џуниор, со кој започнува серијата КУРШСЛУС.
Почнувајќи од телефоните „на виткање“ и демонстративниот консумеризам, текстот брзо го расклопува поширокиот општествен портрет зад статусните симболи – од лажниот луксуз и претприемачкиот чалам до секојдневните противречности на луѓето кои сакаат да изгледаат многу поуспешни отколку што е светот што го оставаат зад себе.
КУРШСЛУС е замислен како простор за кратка, остра и неконвенционална сатира – политичка, општествена, деловна, технолошка или едноставно човечка. Нејзиниот терен е онаа точка во која апсурдот престанува да биде исклучок и почнува да личи на систем.
Сатирата е една од специфичните уредувачки определби на FRONTLINE. Во време кога реалноста сè почесто ја надминува карикатурата, хуморот, иронијата и гротеската можат да бидат и начин на критичко читање на општеството. Сатирата не е бегство од сериозните теми – понекогаш е нивната најдиректна форма.
Редакцијата на FRONTLINE ги поканува авторките и авторите кои пишуваат сатира, кратки сатирични колумни, пародии, хумористични коментари и други сродни форми да ги испраќаат своите дела за разгледување и објавување.












