• Latest
Олександар Левченко

Продлабочување на финансиските нерамнотежи во Русија: Банките и регионите сè повеќе ја финансираат војната

September 23, 2026
Фото: Антон Препелицjа

Мирот е добредојден како чувство – станува неудобен како барање

September 23, 2026
Марко Маневски (фото извор: Марколепсија, блог на авторот)

Денес кога станувам пионер…

September 23, 2026

Денот по Денот на мирот

September 22, 2026
Фото: crimea-platform.org

Крим под руска окупација: Политички прогон, милитаризација на децата и борба за деокупација во фокусот на самитот во Њујорк

September 22, 2026
Сања Божиновска (фото: https://energy.gov.mk)

Божиновска бара извинување и најавува суд, СДСМ бара истрага за набавката на броила

September 22, 2026

СЕЗОНСКИ ПОПУСТ на изданијата на ЦИВИЛ и Frontline Press во книжарницата „Или-Или“ – до 2 октомври

September 22, 2026
Христијан Мицкоски, Њујорк, 21 септември 2026 (скриншот, видео)

Мицкоски од Њујорк: Остануваме на европскиот пат, нејасно со кои конкретни чекори

September 22, 2026

На Меѓународниот ден на мирот, рускиот агресор продолжи со терор: Во Запорижја оштетени станбени згради, трговски центар и универзитет

September 21, 2026

ЦИВИЛ: Мирот никогаш не смее да стане синоним за предавање

September 21, 2026
Кампања на ЦДУ (Wikipedia)

Изборен земјотрес во Мекленбург-Западна Померанија: Алтернатива за Германија прва, социјалдемократите втори, демохристијаните надвор од парламентот

September 21, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Продлабочување на финансиските нерамнотежи во Русија: Банките и регионите сè повеќе ја финансираат војната

September 23, 2026 09:13
in АНАЛИЗИ, ВОЈНА ВО УКРАИНА, ЕКОНОМИЈА, ТОП 5
Олександар Левченко

Олександар Левченко

Share on FacebookShare on Twitter

Олександр Левченко

Напишано за CIVIL Today

Рускиот финансиски систем покажува сè поизразени знаци на структурна нерамнотежа. Иако банкарскиот сектор и натаму остварува висока вкупна добивка, бројот на кредитни институции што работат со загуба нагло расте, додека регионалните буџети се под сè поголем притисок од високите воени расходи, намалените приходи и растечкиот должнички товар.

Според извештаи на руските медиуми што се повикуваат на податоци од Централната банка на Руската Федерација, бројот на кредитни институции што работат со загуба се зголемил за 87% од почетокот на 2026 година. Во вториот квартал, овие институции во просек сочинувале 24,5% од секторот, наспроти 18% една година претходно. Меѓу руските банки, 65 од приближно 300 активни институции пријавиле загуби.

Овие трендови се во спротивност со формално високата вкупна добивка на банкарскиот сектор, проценета на 3,9–4,4 билиони рубли. Сепак, добивката сè повеќе се концентрира кај најголемите банки: десетте најголеми банки учествуваат со приближно 75–76% во вкупниот финансиски резултат на секторот. Истовремено, помалите и регионалните банки сè почесто работат со загуба.

До јуни 2026 година, вкупните загуби на банките што работат со загуба благо се намалиле, на 90,2 милијарди рубли, но бројот на институции со проблеми продолжува да расте, вклучувајќи и некои релативно големи банки. Еден од факторите е промената на каматното опкружување откако Централната банка ја намали основната каматна стапка на 14,25%. За помалите банки, тоа значи пониски приходи од пласирањето на ликвидните средства, додека трошоците за претходно прибраните депозити со високи камати остануваат високи.

Дополнителен притисок создава влошувањето на квалитетот на кредитното портфолио. Уделот на нефункционалните корпоративни кредити надминал 11%, наспроти 5,8% една година претходно. Истовремено, недостигот од ликвидност во банкарскиот систем во август достигнал 2,7 билиони рубли, додека падот на вредноста на државните обврзници создал дополнителни ризици за финансиските институции.

Во вакви услови, руските аналитичари очекуваат натамошно намалување на бројот на банки — потенцијално за околу половина, на приближно 150. Процесот би можел да се забрза откако Централната банка ќе ги зголеми минималните капитални барања во периодот 2028–2030 година. За банките со универзална лиценца, се очекува минималниот капитал да се зголеми од 1 на 3 милијарди рубли, додека за институциите со основна лиценца би се зголемил од 300 милиони на 1 милијарда рубли. Тоа дополнително би ја поттикнало консолидацијата на секторот, принудувајќи значителен број помали банки да најдат купувачи, да се спојат со други институции или да ги променат своите деловни модели.

Војната создава сè поголем притисок врз регионалните буџети

Паралелно со проблемите во банкарскиот сектор, се засилува и финансискиот притисок врз руските региони. Москва префрла сè поголем дел од воените трошоци врз федералните субјекти, принудувајќи ги да ги намалуваат или замрзнуваат расходите за социјални потреби.

Состојбата во Јакутија е илустративен пример. Регионалните власти го одложија годишното усогласување на платите на вработените во јавниот сектор, вклучувајќи ги наставниците, здравствените работници и истражувачите, повикувајќи се на зголемени непредвидени расходи поврзани со финансирањето на таканаречената „специјална воена операција“.

Според информациите што ги сподели регионалната пратеничка Њургујана Заморшчикова, по бројните обраќања на жителите поради откажаното усогласување на платите, биле поднесени барања до владата на Јакутија и до обвинителството. Во официјалниот одговор на премиерот на републиката, Кирил Бичков, било наведено дека планираното зголемување на платите во јавниот сектор за 5,4% е одложено до 1 септември, бидејќи средствата биле потребни за исплати на војниците ангажирани со договор.

Еден од факторите е наглото зголемување на еднократната исплата што регионот им ја дава на новорегрутираните војници — од 2,1 милиони на 3 милиони рубли. Ова илустрира поширок тренд: растечките трошоци за регрутација и издржување на воениот персонал сè повеќе се натпреваруваат за средства со основните социјални потреби на регионите.

Слични одлуки се носат и во други руски федерални субјекти. Во Ростовската област, планираното усогласување на платите во јавниот сектор за 4%, предвидено за 1 октомври, беше откажано без објаснување, додека на Сахалин планираното зголемување на платите на здравствените работници беше целосно замрзнато за целата 2026 година.

Овие одлуки имаат и социјална и политичка димензија. Во пресрет на парламентарните избори, намалувањето на социјалните расходи и на приходите на вработените во јавниот сектор создава дополнителен ризик од растечко незадоволство кај населението, особено во регионите со хронични буџетски дефицити.

Финансиската состојба на Јакутија веќе е под притисок. Буџетот на републиката за 2026 година беше усвоен со дефицит од 12,75 милијарди рубли, но до 1 април дефицитот веќе достигнал 9,47 милијарди рубли — приближно 75% од планираниот годишен износ.

Регионалниот дефицит станува системски проблем

Според Александар Исаков, виш извршен директор и раководител на Центарот за макроекономски истражувања при Сбербанк, финансиската состојба на руските региони, кои ја завршија претходната година со рекорден дефицит во локалните буџети, продолжува да се влошува. Во 2026 година, вкупниот буџетски дефицит на руските федерални субјекти би можел да достигне 2 билиони рубли — приближно 500 милијарди рубли, односно 33%, повеќе од една година претходно. Тоа би значело дека номиналниот износ на регионалната буџетска „дупка“ би можел да достигне историски максимум втора година по ред.

Една од причините е забавувањето на економскиот раст. Падот на добивката во рускиот деловен сектор, кој започна во 2025 година, продолжува и директно ги намалува приходите од данокот на добивка, еден од клучните извори на приходи за регионалните буџети. Според Росстат, во првата половина на 2026 година добивката на руските компании се намалила за 13%, додека во јуни се намалила повеќе од петкратно. Уделот на компаниите што работат со загуба пораснал на 33,5%, наспроти 30,4% една година претходно.

Дополнителен притисок создаваат меѓународните санкции воведени како одговор на руската агресија врз Украина. Ограничениот пристап до европските финансиски пазари, напредните технологии и увозните компоненти ги принуди руските компании да ја пренасочат трговијата кон азиските и африканските пазари. Тоа ги продолжи транспортните рути и роковите за испорака и ги зголеми логистичките трошоци.

Истовремено, компаниите беа принудени да користат посложени аранжмани за плаќање и увоз, да плаќаат посреднички провизии и да прават дополнителни трансакциски трошоци. Сето тоа ја намалува профитабилноста на деловниот сектор, а со тоа и даночната база на регионите. Последиците веќе се видливи во кратењето на социјалните расходи. Во 2026 година, 19 руски региони донесоа одлуки за намалување на средствата за здравство. Кратењата изнесуваа 39% во Вологодската област, 30% во Иркутската и Кемеровската област и 25% во Московската и Волгоградската област.

Москва ја зајакнува контролата врз регионалните ресурси

Проблемот е и структурен. По почетокот на целосната агресија врз Украина во 2022 година, Москва ги реорганизираше даночните и буџетските механизми за да ја зголеми централизацијата на ресурсите и да обезбеди финансирање на нагло зголемените воени расходи.

Федералниот центар го засили пренасочувањето на најликвидните извори на приходи, особено оние поврзани со експлоатацијата на природните ресурси и со акцизите, истовремено воведувајќи дополнителни давачки за големите компании. Сè поголем дел од приходите од секторот за природни ресурси, кои претходно остануваа во регионите, сега се концентрира на федерално ниво.

Истовремено, Москва префрла дел од трошоците поврзани со војната врз регионите, вклучувајќи ги исплатите на воениот персонал и финансирањето на надоместоците и другите воени обврски, без да обезбеди соодветни стабилни извори на финансирање. Како резултат на тоа, регионите се наоѓаат меѓу два спротивставени тренда: нивната даночна база слабее, а буџетските обврски растат. Тоа ја зголемува зависноста на руските федерални субјекти од трансферите од федералниот буџет, истовремено поттикнувајќи кратења на социјалните програми.

Високата цена на задолжувањето го засилува должничкиот притисок

Друг фактор на ризик останува цената на задолжувањето. Во обид да ја заузда инфлацијата и да ја стабилизира економијата прегреана од воените расходи, Централната банка на Русија ги одржува каматните стапки на високо ниво. Тоа значително ги зголемува трошоците за задолжување на регионите.

Руските федерални субјекти се принудени да земаат комерцијални кредити со каматни стапки од приближно 20–25% годишно, вклучувајќи и кредити за рефинансирање на постојните обврски. Како резултат на тоа, должничкиот товар продолжува да расте, додека средствата што би можеле да се насочат кон инфраструктурата, здравството или образованието се користат за сервисирање на долгот.

Затоа, проблемите со кои се соочува рускиот финансиски систем сè повеќе се покажуваат како меѓусебно поврзан синџир, а не како изолирани тешкотии на одделни банки или региони. Високите воени расходи ја одржуваат економијата прегреана; рестриктивната монетарна политика ги зголемува трошоците за финансирање; намалената профитабилност на компаниите ги намалува даночните приходи; а централизацијата на ресурсите ја зголемува зависноста на регионите од федералниот буџет.

На краток рок, Москва веројатно ќе може да го одржува привидот на формална финансиска стабилност преку прераспределба на ресурсите, кратење на социјалните расходи и зголемено задолжување. Но овие механизми имаат своја цена. Колку подолго воените расходи остануваат приоритет на федералната политика, толку поголем дел од финансискиот товар ќе се префрла од федералното ниво врз банките, деловниот сектор и регионите.

Клучниот ризик за Кремљ не е непосреден финансиски колапс, туку постепено натрупување на структурните нерамнотежи. Тие би можеле сè повеќе да ја ограничуваат способноста на руската држава истовремено да ја финансира војната, да ги исполнува своите социјални обврски и да ја одржува економската активност во регионите.

 

 


Олександр Левченко е украински дипломат, независен аналитичар и професор на Државниот даночен универзитет во Украина. Бил амбасадор на Украина во Хрватска и Босна и Херцеговина (2010–2017) и конзул во Сојузна Република Југославија (1993–1997). Во текот на војната напишал околу 5.000 статии за руската агресија врз Украина за онлајн медиуми во девет земји.


Напишано за CIVIL Today | Линк до оригиналот на англиски јазик

Независното новинарство, слободниот говор и граѓанското општество се брана против лагите, пропагандата и злоупотребата на моќта.

Поддржете го ЦИВИЛ и помогнете ни да продолжиме независно, истрајно и во интерес на јавноста.

ПОДДРЖЕТЕ НÈ СЕГА

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ