На 1.687-от ден од целосната руска инвазија врз Украина, Кијив повторно беше под руски дронски напад. Од рано утрото на 23 септември во главниот град беше прогласена воздушна тревога, се слушаа експлозии, а градската железница беше привремено запрена поради зголемената воздушна опасност. Украинските извори јавија за пожари во повеќе реони, паднати остатоци од дронови меѓу станбени објекти и оштетувања на транспортна и цивилна инфраструктура.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди дека нападите врз Кијив продолжуваат и дека цел на руските удари се и железничката инфраструктура и станбените објекти.
„Од рано утрово во Кијив трае воздушна тревога. Ударни дронови на рф го напаѓаат главниот град, не оставајќи им на луѓето време да стигнат до засолништата. Цел на нападите се железничката инфраструктура и станбените објекти. Експлозии, пожари, уништувања — вака рф го тероризира Кијив“, напиша Дир.
Од рано утрово во Кијив трае воздушна тревога. Ударни дронови на рф го напаѓаат главниот град, не оставајќи им на луѓето време да стигнат до засолништата.Цел на нападите се железничката инфраструктура и станбените објекти.Експлозии, пожари, уништувања—вака рф го тероризира Кијив pic.twitter.com/QXuF6cS1Uz
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 23, 2026
Според изворите на ЦИВИЛ Медиа, подоцнежниот биланс во Кијив се зголеми: двајца загинати и најмалку 25 повредени, од кои 17 биле хоспитализирани. Руски дронови паднале или погодиле објекти во Холосијивскиот, Дарницкиот и Соломјанскиот реон. Во Соломјанскиот реон, каде што се наоѓа и Централната железничка станица, избувнал пожар во историскиот пазар „Шајба“ во близина на станицата, а руски дрон погодил и деветкатна станбена зграда.
Украинската железница соопшти дека Централната железничка станица во Кијив не е оштетена, но дека железничката инфраструктура во главниот град била под напад. Претседателот на управниот одбор на „Укрзалізниця“, Олександр Перцовски, изјави дека е повреден еден железнички работник кој се враќал дома по смена, и ги повика патниците да бидат исклучително внимателни во близина на железнички објекти.
Нападот предизвика и нарушувања во железничкиот сообраќај. Иако станиците во Кијив не претрпеле директни оштетувања, повеќе од 30 возови доцнеле, а најголеми задоцнувања биле регистрирани кај линиите од централна Украина, Запорижја и Днипропетровската област. Патниците на Централната железничка станица и на станицата Дарницја биле упатувани да користат подземни премини за качување и симнување за време на воздушната опасност.
Новиот напад врз Кијив беше дел од поширока ноќна кампања на терор врз цивилното население. Според Воздухопловните сили на Украина, рускиот агресор во ноќта меѓу 22 и 23 септември ја нападна Украина со 161 беспилотно летало од различни типови, меѓу нив 82 реактивни „Шахеди“, како и дронови „Гербера“, мамец-дронови „Пародија“ и „Бандерол“/Dan-T. Украинската ПВО собори или неутрализира 119 дронови и три „Бандерол“/Dan-T цели.
Ова се надоврзува на масовниот напад од претходната ноќ, кога, според премиерот Сергиј Корецки, Русија нападнала 13 региони и Кијив, таргетирајќи претпријатија, фарми, магацини, железничка инфраструктура, енергетски објекти и станбени згради. Во Днипро загинаа четири лица, а во Кијив беа оштетени станбени објекти и повредени пет лица.
Зголемената употреба на реактивни дронови создава нов притисок врз украинската противвоздушна одбрана. Reuters објави дека во првите три недели од септември Русија лансирала 2.100 реактивни нападни дронови и 136 ракети врз Украина, при што загинале 288 лица, меѓу нив и четири деца, според украинскиот премиер. Новите дронови летаат побрзо и повисоко, а украинските претставници предупредуваат дека тие сè повеќе го нарушуваат секојдневниот живот, работата на бизнисите и функционирањето на градовите.
Денешните напади врз Кијив се случуваат во истиот ден кога во Њујорк, во рамките на сегментот на високо ниво на Генералното собрание на ОН, се одржува шестиот самит на Меѓународната Кримска платформа. Како што објави ЦИВИЛ Медиа, во фокусот на самитот се човековите права, политичките затвореници, милитаризацијата на окупираниот Крим и на младите, санкциите, деокупацијата и спречувањето на руските пропагандни операции за нормализација на окупацијата.
Контекстот на Крим е директно поврзан со денешнаиот воздушен напад. ЦИВИЛ Медиа потсети дека по почетокот на целосната инвазија, Русија го користи окупираниот полуостров како голема воена и логистичка база за операции против Украина, вклучително и за воздушни и ракетни напади. Во неделниот извештај на Кримската платформа, наведено е дека руските сили употребувале дронови и ракети од повеќе правци, вклучително и од окупираниот Крим и од Црното Море.
Додека во Њујорк се разговара за деокупација, санкции, политички затвореници и спротивставување на нормализацијата на окупацијата, на теренот во Украина Русија продолжува да ја покажува практичната функција на окупираните територии: тие се претвораат во платформи за воен притисок, дронски и ракетни напади, пропаганда и репресија.
Најновиот напад врз Кијив уште еднаш ја потврдува суштината на руската агресија: цел не е само украинската војска, туку нормалниот живот на цивилите – железница, станбени згради, бензински пумпи, магацини, пазари, работни места и патнички рути. Пораката од Украина останува иста – потребни се повеќе системи за ПВО, повеќе пресретнувачи, посилни санкции и прекинување на каналите преку кои Русија продолжува да произведува и набавува дронови, ракети и компоненти за нападите врз цивилите.
Џ. Дерала












