Додека во Њујорк, за време на неделата на високо ниво на 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, се упатуваат повици Русија да ја прекине војната и да прифати прекин на огнот, Москва одговори со нов масовен ноќен напад врз Украина. Во ноќта меѓу 23 и 24 септември, главни цели на руските удари беа Кијивската и Одеската област, со ракети „Циркон“, балистички ракети и речиси 300 дронови.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X го поврза рускиот напад со дипломатските повици што доаѓаат од Њујорк.
„Светските лидери за време на 81-та недела на високо ниво на UNGA ја повикаа рф да ја прекине војната и да се согласи на прекин на огнот. Одговорот на рф – ноќен масовен напад врз Кијив, Одеса… Одговорот на рускиот терор – санкции, Drone Deal, способност за удари на голема далечина“, порача Дир.
Светските лидери за време на 81-та недела на високо ниво на UNGA ја повикаа рф да ја прекине војната и да се согласи на прекин на огнот. Одговорот на рф–ноќен масовен напад врз Киjив, Одеса… Одговорот на рускиот терор – санкции, Drone Deal, способност за удари на голема далечина pic.twitter.com/pAxD48LMpw
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 24, 2026
Според украинските Воздухопловни сили, Русија ја нападнала Украина со ракети „Циркон“, балистички ракети „Искандер-М“/С-400/KN-23 и 282 беспилотни летала од различни типови, меѓу кои „Шахед“, „Гербера“, „Бандерол“/Dan-T и мамец-дронови „Пародија“. Украинската одбрана соопшти дека неутрализирала четири ракети „Циркон“, три балистички ракети и 219 дронови, но погодоците и последиците се регистрирани во повеќе региони.
Во Одеската област, рускиот напад оштети медицински и образовни установи, станбени згради, трговски центар, магацини и друга цивилна инфраструктура. Според украинските извори, повредени се две лица. Во Кијив и пошироко, руските удари предизвикаа цивилни жртви и оштетувања, а Kyiv Independent јави дека во руските напади низ Украина во изминатиот ден загинале најмалку 16 лица, а 59 се повредени, додека Кијив беше под бранови дронови и балистички ракети.
Нападот имаше последици и врз енергетските капацитети. Украински извори јавија дека потрошувачи во осум области, меѓу кои и Виничката, Днипропетровската, Донецката, Запоришката, Одеската, Сумската, Чернигивската и Харкивската, останале без електрична енергија поради руските напади врз енергетската инфраструктура и борбените дејства.
Во Њујорк, украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето пред Генералното собрание повика на продолжување и зајакнување на притисокот врз Русија, нагласувајќи дека руските приходи мора да останат цел на санкции и дека трговијата со Русија ја продолжува војната. Тој оцени дека Москва не покажува волја да ја заврши агресијата, туку продолжува да го проширува конфликтот и да бара нови партнери за војната.
Истовремено, Москва во Њујорк повторно го отфрли едноставниот прекин на огнот без поширок политички договор. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Советот за безбедност на ОН изјави дека таков прекин на огнот, според Москва, би ѝ овозможил на Украина и нејзините сојузници да се прегрупираат и вооружат.
Паралелно со дипломатските разговори, Украина ја развива својата одбранбена и технолошка соработка. Во Њујорк, Зеленски промовираше нови договори поврзани со дронови, меѓу нив договор со Финска и безбедносен договор со Австралија што вклучува дронска компонента, а најави и подготовка на нов договор со Канада. Според украинската логика, „Drone Deal“ не е само воена програма, туку дел од поширок одговор на руската стратегија на ракетен и дронски терор.
Украина истовремено продолжува со стратегијата што Кијив ја опишува како „долгометни санкции“ – напади врз руската нафтена, логистичка и воена инфраструктура што ја финансира и снабдува агресијата. Во изминатите денови Украина изведе големи дронски напади врз руска територија, вклучително и врз нафтена инфраструктура во Москва, со цел да ја зголеми цената на војната за Кремљ и да ја намали неговата способност да продолжи со нападите врз украинските градови.


Така, додека во ОН се бара прекин на огнот, рускиот агресор продолжува со масовни удари врз цивилни и енергетски објекти. Одговорот што го бара Украина, санкции, дронска и противвоздушна соработка, и способност за удари на голема далечина врз воената и економската инфраструктура на агресорот, претставува практична потреба, а не политичка реторика.
Кога ракети „Циркон“, балистички проектили и стотици дронови се насочуваат кон Кијив, Одеса, енергетика, болници, училишта, домови и инфраструктура, тоа не е сигнал за мир. Тоа е продолжување на руската стратегија на терор. Затоа пораката од Украина останува –прекинот на огнот мора да биде поддржан со реален притисок врз агресорот, а тоа се санкции, оружје, ПВО, дронски капацитети и одговорност за злосторствата.
Џ. Дерала












