Алфа банка си замина од земјава непосредно пред значајните избори во 2016 година, во период кога веќе се наѕираше можноста за промена на власта.
Денес, Алта банка, по преземањето на Стопанска банка Битола, го продолжува продорот на македонскиот пазар со интерес за Силк Роуд банка, која претходно го презеде домашниот бизнис на грчката Алфа банка.
Продажбата на Алфа банка беше проследена со сериозни прашања за транспарентноста, а подоцна беа обелоденети и тајните врски на луѓе поврзани со купувачот со Никола Груевски.
Сега Србија е пред парламентарни избори на 25 октомври 2026 година, додека Алта банка истовремено настојува дополнително да ја зацврсти својата позиција на македонскиот банкарски пазар.
Паралелите не се идентични, но повторно ги отвораат прашањата за испреплетувањето на банкарските интереси, политиката и релацијата Белград – Скопје.
Една од познатите разговорни мудрости при дијалозите во српскиот јазик е онаа – „пожури полако“. Тоа е совет кој обично може да се врзе и за онаа ситуација карактеристична за приказната за зајакот и желката, кога на целта стигнува прв оној кој се смета за инфериорен.
Можеби влезот на српската Алта банка во земјава преку преземање на Стопанска банка Битола во стартот изгледало така, како нешто лежерно и дури неинтересно, но актуелното најавување за преземање од нејзина страна на Силк Роуд банката, која претходно ја презема грчката експозитура во земјава на Алфа банка. Оваа, пак, пред неа (сликовито речено – како да ја отворате руската „матрјошка“) Кредитна банка АД Скопје, се гледа како на осмислена стратегија која треба добро да се анализира.
Бидејќи несомнено за ново придојдената банка во земјава тоа ќе значи залет пред да ги видиме појасните чекори и можности, откако од актуелната гарсониера ќе влезе во трособен стан, давајќи малку за да добие големо просторно проширување! Така и полесна достапност за граѓаните и првните лица. Или поинаку, нема толку голема капитална вредност на таа хипотетична активност како што се добива влијание преку новиот дисперзиран потенцијал.
И пред нашата јавност да почне да се интересира за белградската Алта банка, на овие страници беше отворен интересот за неа. Најнапред заради фактот дека српскиот режим буквално реши во секој сегмент на своето владеење да има сигурен инструментариум, а банкарскиот сектор ниту малку не е за занемарување. Напротив. Но, во тамошната мрежа на постоење на многу, меѓу другото и важни интернационални банки во Србија, влијанието на политиката се движеше претпазливо и се виде дека се сака да започне со сигурни чекори, речиси на ситно.
Ситуацијата во Србија, како и во Македонија, по повлекувањето на грчките банки од овој простор, се расчисти преку преземањето на голем простор за задоволување на апетити на оние постојните финансиски моќници, пред сѐ, заради тоа што во отсуство на конкуренција, згора и во отсуство на странскиот фактор кој би инсистирал на рамноправни центри по моќ и способности во бизнис сферата, не мораше сѐ да биде во согласност со добрите обичаи.
Еволуција и трансформација: Алта банка
Во меѓувреме, владејачката елита во Белград се најпрво зеде под свое една полупропадната, екс-југословенска банка Јубмес банка (Југословенска банка за меѓународна економска соработка) која Србија „меко“ си ја присвои. Потоа започна да се грижи да и овозможува соодветен раст преку давање на привилегии што може да ги даде само државата, за таа одбрана банка (сега Алта) да дојде барем во рангот на средно значајни банки. Истата секако немаше само цврсто сидро онаму каде привилегиите беа видливи и за лаици, туку оние кои ја раководеле секогаш покажувале и интернационални амбиции. Притоа, се настојуваше да се оди на – по можност – купување на слични правни лица што се бават со финансиски или осигурителни ангажмани.
Веќе сме пишувале за тоа како мина таквиот обид во Австрија, што сега се сака да се прикаже во поинакво светло и кај нас. Во 2024 година, Европската централна банка (ЕЦБ) го суспендира правото на глас на Alta Pay Group (сопственик на Алта банка) во австриската Addiko Bank AG.
Зошто?
Надлежното тело – регулаторите – ѝ забележало дека прави чекори без соодветно и навремено да ги извести повисоките органи во Австрија. Постапката ја направила банката-купувач невалиден играч при такви потези што Европската централна банка не сакала да си ја дозволи на своја територија.
Секако, ова добива свое ехо и пошироко, со оглед дека се работи земја која е дел од економско-финансискиот корпус на Европска Унија!
Продорот на Алта банка во Македонија
Алта банка во Македонија влезе преку преземањето на Стопанска банка АД Битола. Во септември 2025 година Комисијата за хартии од вредност ѝ даде дозвола на Алта банка АД Белград да даде понуда за преземање на акциите на Стопанска банка Битола. Надлежното тело најпрвин на 19 септември го сопре тој процес (!) и за тоа издаде решение, но многу брзо „се исправи“.
На чело на НБРМ во тоа време веќе беше новиот гувернер Трајко Славески. Ни тогаш, ниту сега никогаш немаше објаснување за влезот на банка што нема добро педигре во земјава!
Аквизицијата беше финализирана кон крајот на 2025 година (официјално завршена во периодот октомври-декември 2025 година, кога банката и официјално се преименува во Алта банка АД Битола).
И така белграѓани најнапред се потпреа на постојните човечки и други ресурси на домаќините што беа засегнати. Следниот месец, Алта банка откупи околу 74 отсто од акциите и веќе можела да ја креира вкупната политика на екс-Стопанска банка Битола и постапно да ја менува сликата на составот на органите во неа.
За овој процес на преземање и за тоа што тој може да значи за македонската економија, но и за политиката, на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА беа објавени серија анализи и извештаи. Меѓу нив е и текстот „СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?“, Љубомир Костовски, ЦИВИЛ МЕДИА, 23 август 2025 година. Алта банка беше спомената и во сеопфатниот извештај на ЦИВИЛ за хибридните закани, „БОИШТЕ НА НАРАТИВИ: Руските хибридни операции во Северна Македонија“, објавен на 29 октомври 2025 година. Ова се само дел од бројните анализи и извештаи со кои медиумската платформа на ЦИВИЛ подолг период ги следи економските, политичките и безбедносните аспекти на овие процеси.
Следниот чекор: Силк Роуд банка
Денес секако имаме поинаков портрет на кадровските потенцијали во овие банкарски ентитети. Ако гледате во излогот на битолската банка, исто е како да гледате на една друга банка на Теразије број 31 во Белград, на пример. Окрупнувањето на капиталот продолжува и сега преку додатни откупи на акции во битолската банка па купувачот веќе поседува над 95 отсто од акционерскиот влог!
Во меѓувреме се прават и некои помали чекори за зацврстување на локалното присуство, како понуда на кредити за пензионери, вклучително и преку посета на прилепското здружение, или спонзорства на спортски клубови, како кошаркарскиот клуб МЗТ. А сега на ред доаѓа и најзначајниот чекор: намерата за преземање на Силк Роуд банка.
Долга и заплеткана историја
Банката потенцијален продавач на акции најпрвин била основана како Кредитна банка АД од 1993 година, главно преку кадри на Комерцијална банка и како капитал не неколку моќници од времето на првата транзиција.
Истата очевидно не можела да го фати чекорот со помоќните па во 2000 година е преземена од Алфа банка, односно влегува под капата на грчката Alpha Bank.
По 16 години – заради тоа што грчката монетарна политика процени дека нејзините банкари треба да си се вратат дома и да ги покриваат локалните дупки во системот – Алфа побарала купувач. Таа имаше добар рејтинг тука, особено кај пензионерите, бидејќи, не покажуваше одбојност кон нив како во другите слични, да речеме соседни шалтери – можеа да земат кредити самите постари сограѓани или да бидат жиранти на своите деца. Таква политика се судираше со менталитетот на зацементирана сигурност кај кредитирање што постоеше во земјата ама дојденците не сакаа да бегаат од ризици. Типично за грчки трговци нели?
Заминувањето од Македонија, верувам, не беше без разочарување заради притисокот на своите монетарни власти? Па и не беше тоа операција без да има некакви чуденки во нашата јавност. Најпрвин, кога преку Македонската берза за 1,2 милиони евра беа продадени 100% од капиталот, официјално не се дозна новиот сопственик на Алфа банка! Чудно нели, во стартот. Подоцна се откри дека тоа е швајцарскиот инвестициски фонд Силк роуд капитал АГ со седиште во Цирих.
Преговорите со продавачот се вршени една година претходно, а работата е завршена откако добиле дозвола за преземање од страна на Народната Банка. Откако Комисијата за заштита на конкуренцијата дала виза, таа е дадена и од регулаторот на нашиот финансиски пазар. Треба да сфатиме дека ова беше практично во предвечерието на потенцијалната промена на власта во земјата, која се насетуваше.
Индикативна беше реакцијата на тогаш опозициската СДСМ во мај 2016 година, од каде што го обвинија гувернерот Димитар Богов дека немало транспарентност во тој процес – требало јавно да соопшти за дозволата што НБРСМ и ја дала на купувачот на Алфа банка.
„Гувернерот Богов на крајно нетранспарентен начин даде дозвола да се продаде Алфа Банка АД Скопје за 1.2 милиони евра на швајцарски фонд, чиј претседател на Управен Одбор се јавува и како основач на компанија која соработувала со Владата предводена од Никола Груевски. Предмет на соработка биле консултантски услуги“, велат тогаш од СДСМ.
Во соопштението се додава дела „пред само 30 дена од кабинетот на гувернерот Богов беше лиферувана информација за медиумите во која децидно беше кажано дека нема поднесено барање за купопродажба на акциите на Алфа Банка АД Скопје и доколку такво барање биде пристигнато за истото ќе биде известена јавноста“.
„После 30 дена молк, не само што не беше известена јавноста, туку денеска на Македонската берза преку блок трансакција се продадени 100% од акциите на Алфа Банка АД Скопје за 1.2 милиони евра. Дали Гувернерот Богов во рамките на своите надлежности, ги исполнува се уште наредбите на Никола Груевски исто како и лицето Ѓорѓе Иванов? Кој е новиот газда на Алфа банка?“, прашаа од СДСМ.
Од Народна банка тогаш рекоа дека се работи за таканаречен „special purpose vehicle” односно компанија креирана со посебна цел за преземање на одредени инвестиции и стекнување учество во банки и други финансиски институции во земјата и странство, зад која стои конкретен инвеститор кој е целосно идентификуван пред НБРМ, се велеше во реакцијата на НБРМ.
Дел од домашната економска јавност, по одлуката за продажбата на „Алфа банка“ оцени дека клучно прашање за оваа банкарска трансакција е кој е идниот сопственик на банката, односно дали постоечкиот се заменува со нов, посилен.
Тогаш се јави и поранешниот гувернер на НБРСМ Петар Гошев кој изјави дека „основно прашање е дали во една банка влегува подобар или полош купувач, односно мора да се обезбедат целосни и детални информации за идниот акционер, што е условено со многу критериуми“.
„Ние и досега имавме пракса инвестициски фондови да покажат интерес за влез во банкарскиот сектор, но тие операции не без одобрени. Сметам дека генерално фондовите не се толку силни како банкарски групации кога станува збор за банкарски сопственички преземања“, истакна Гошев.
Продажбата на „Алфа банка“ го привлече вниманието на јавноста откако дел од медиумите објавија „консултантска“ поврзаност на идните можни акционери со Владата. Имено, претседател на Управниот одбор на швајцарскиот фонд е Анисур Рахман Кан, основач на компанијата е Lonestep GmbH која од Владата била избрана за консултант за воспоставување на слободната финансиска зона во Македонија. Овој проект, најавен на голема врата, проследен со бројни реакции, се стави под „мраз“. Затоа, доколку информациите за интерес кон Силк Роуд банка се потврдат, тоа би било продолжение на веќе воспоставениот модел.
А каде се вклопува Силк Роуд?
Силк Роуд несомнено стагнира кај нас. Вредноста на капиталот и тогаш и сега останува ист. Можеби неочекувано дошло до политички промени кои не ѝ оделе во прилог. Постоеле можеби некакви други планови и концепти.
Според податоците за 2025 година, нејзината актива изнесувала околу 12,2 милијарди денари, со пазарен удел од околу 1,31%. Незначително, нели. Се вели дека ниту Алта банка не е далеку од неа – ќе биде тоа спој на две банки со скромен сопствен капитал само што Алта банка преку овој спој го добива имотот кој ѝ припаѓаше, односно го создаде Алфа банка! Таа имаше 17 експозитури од кои седум беа во Скопје. Нив ги презеде Силк Роуд, но не беше изненадување ако кај некоја од нив наидевте на затворена врата. Но, еве, ако се игнорира тоа, идниот преземач одеднаш би бил доста проширен во опфатот на просторот за идните, потенцијални клиенти. Веројатно токму тој, територијален аспект за белграѓаните станува позначаен во овој миг бидејќи треба да е дел од некакви идни планови за сеопфатно проширување на бизнисот, откако ним Србија се чини им е сѐ потесна.
Фактот што Шпаркасе најави дека сака да ја купи Уни банка и дека со тој спој би се добила значаен моќник со околу 2,8 милијарди евра актива, се добива банка која има 17 отсто од тој тип на капитал во земјава. А тоа не е за занемарување. На пример првата банка кај нас – Комерцијална има 3,13 милијарда евра капитал, според годишниот извештај за 2025 година.
Говорејќи неодамна на една телевизија како гостин, гувернерот Трајко Славески ја „благослови“ таквата иницијатива на Шпаркасе во однос на Уни банката. Но за чудење беше фактот дека не ја спомена идната можна фузија на две банки, мали по капитал?! На директно прашање од ТВ Телма во вторникот за овој можен „спој“ меѓу Силк роуд и Алта банка, од НБРМ одговорија дека тие не добиле никаква официјална информација за тоа, со оној класичен додаток дека таквите преговори банките си ги вршат меѓу себе. Да не беше овој „додаток“ во информацијата, немаше да насетиме дека тука можеби лежи и извесно извлекување на НБРМ ако набргу вестите во некои наши специјализирани медиуми не се покажат како точни. Всушност, и гувернерот Богов 30 дена пред купувањето на Алфа банка дигаше раменици на слично прашање!
Всушност, тука и без да се сака доаѓаме до враќање на филмот за влезот на Силк Роуд кај нас, кога СДСМ тогаш го критикуваше регулаторот дека го сокрила тој влез на странците кај нас. Појавата на Силк Роуд (Патот на свилата) беше изненадување заради нешто што пост фестум се покажа како релевантно – институцијата која не беше банка, туку е инвестиционен фонд имала задача како консултант да прави некаква слободна финансиска зона и дека за нив премиерот Груевски бил „контактибилен“ по тоа прашање.
Неизбежни линкови: Изборните неизвесности и банкарскиот бизнис
Значи, имало бизнис интерес кој просто тогашниот гувернер ја покрил со својот молк. И сега, се јавува непријатна асоцијација за таква можност, бидејќи, не само Силк Роуд тогаш туку Алта банка денес јасно укажа на интензивните политички ама и бизнис релации меѓу властите на Скопје и Белград.
И тука повторно се наметнува паралелата со неизвесната 2016 година, кога продажбата на Алфа банка се одвиваше во пресрет на избори и можни политички промени во земјата.
Овојпат изборната неизвесност е кај северниот сосед.
А доколку деловната сила и експанзијата на Алта банка во значајна мера зависат од условите, привилегиите и политичко-деловното опкружување во Србија, тогаш евентуалните промени таму би можеле да влијаат и врз нејзините планови надвор од Србија. Токму затоа и актуелниот интерес за натамошно ширење на македонскиот банкарски пазар заслужува внимателно следење.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
Љубомир Костовски е новинар и политички аналитичар, главен и одговорен уредник на „Глобус“.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.