Дехран Муратов
Кога министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе изјави дека зелената граница со Бугарија е „швајцарско сирење“, можеби мисли дека со една метафора ја објаснил сложеноста на граничната контрола. Но, со тоа се отвора прашањето како е можно од Северна Македонија со години да бегаат луѓе што ги бара правдата, а институциите постојано да се правдаат дека системот има дупки?
Ако границата е полна со дупки, тогаш кој е одговорен за нив? И колку уште луѓе треба да ѝ избегаат на државата за некој конечно да понесе одговорност?
Нашата држава одамна не се соочува со изолиран случај. Од Никола Груевски, преку Горан Грујевски и Никола Бошковски, Сашо Мијалков, Драган Даравелски и Сеад Кочан, Артан Груби и Васко Ковачевски, до најновиот случај со Ива Михаилова – Северна Македонија повторно се соочува со прашањето како е можно лица што се поврзуваат со судски постапки или треба да понесат одговорност да се најдат надвор од земјата.
Поранешниот премиер Никола Груевски во ноември 2018 година ја напушти Македонија и замина во Унгарија, непосредно пред да започне да ја издржува затворската казна во случајот „Тенк“. И денес, неговото враќање останува прашање на кое институциите немаат конечен одговор. Иако во 2026 година имаше ослободителни пресуди во други предмети, тоа не го менува фактот дека тој избега пред издржувањето на казната во случајот „Тенк“.
Горан Грујевски и Никола Бошковски, поранешни функционери во Управата за безбедност и контраразузнавање, избегаа во Грција во 2017 година, во периодот кога се соочуваа со постапка поврзана со незаконското прислушување.
Бизнисменот Сеад Кочан, пак, беше во бегство неколку месеци пред да се пријави за издржување на затворската казна во случајот „Труст“.
Драган Даравелски, поранешен директор на Царинската управа, со години беше во Србија, пред да се врати во земјата во 2023 година. Но, во меѓувреме настапи застарување на делото, па неговиот случај заврши без да ја издржи првично изречената седумгодишна затворска казна.
Артан Груби, поранешниот вицепремиер, се врати во Северна Македонија во февруари 2026 година, по повеќе од една година во бегство, кога беше приведен на граничниот премин Блаце. Тој се соочува со постапка поврзана со случајот „Државна лотарија“. Излегувањето од куќен притвор пред три дена „спонтано“ го прослави со огномет и бакли со стотици поддржувачи.
А тука е и Васко Ковачевски, поранешниот директор на ЕСМ и РЕК Битола, кој е обвинет во случајот „Адитив“, поврзан со сомневања за злоупотреби при набавки за енергетскиот сектор. По него е распишана меѓународна потерница, а судењето се води во негово отсуство. Обвиненијата допрва треба да добијат судска разрешница, а важи и пресумпцијата на невиност.
Посебно место во оваа македонска хроника на бегства и ненадејни појавувања има и славното новинарско прашање до поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, откако на 23 февруари 2021 година, се појави пред судот по деновите во кои беше недостапен: „Во Македонија сте“?
Прашање што звучи како шега, но всушност ја отсликува апсурдноста на системот. Можеби токму тоа е македонскиот рецепт за „швајцарско сирење“, границите имаат дупки, институциите бараат, а јавноста на крајот прашува – „Во Македонија сте“?
Овие случаи не се идентични и не можат сите да се стават во ист правен кош. Но, заедно отвораат сериозно прашање – зошто институциите толку често реагираат откако некој веќе ќе стане недостапен?
Ако границата е „швајцарско сирење“, тогаш кој го подготвувал рецептот со години?
Токму затоа изјавата на Тошковски не може да остане само интересна метафора. Министерот не е политички коментатор што од страна ја анализира состојбата со границите. Тој е на чело на Министерството за внатрешни работи и од него јавноста очекува конкретни резултати.
Ако зелената граница е ранлива, треба да се објасни што се презема за да се подобри контролата. Ако постојат пропусти во службите, треба да се утврди кој е одговорен. А ако некој успеал да ја напушти земјата и покрај мерките што требало да го спречат тоа, јавноста заслужува да знае како се случило.
Не може секое ново бегство да заврши со истата приказна – истрага, потерница, меѓусебни (полиички) обвинувања и ветувања дека случајот ќе биде расчистен. Државата мора да покаже дека нејзините институции се способни да постапуваат навреме, а не само да ја констатираат штетата откако таа ќе биде направена.
Граѓанинот што нема политички врски и финансиска моќ не може едноставно да ја избегне правдата со заминување во друга земја. Затоа довербата во правосудството зависи и од тоа дали правилата важат еднакво за сите, без оглед на функцијата, партиската книшка или влијанието што некој го имал.
И зошто одговорноста секогаш останува некаде меѓу институциите, додека граѓаните гледаат како случаите се нижат, а довербата во системот се топи? Македонија не може да изгради правна држава ако границата е само една од дупките, а одговорноста е најголемата. Зашто проблемот не е само во оние што бегаат од правдата. Проблемот е и во системот што треба да обезбеди правдата да ги стигне.
А министерот, наместо само да ја опишува големината на дупките, треба да одговори што прави тие конечно да се затворат.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












