Црковна делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на 19 ноември ќе отпатува во Москва, каде што на 20 ноември ќе се одбележи 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил, дознава Религија.мк од доброупатени извори.
Според изворите на Религија.мк, делегацијата ќе ја сочинуваат двајца архијереи, делегирани од архиепископот Стефан. Нивните имиња засега не се откриваат, но изворите посочуваат дека патувањето е координирано со институциите на државната власт, имајќи ги предвид меѓудржавните односи во изминатите четири години.
Истите извори нагласуваат дека посетата ќе има исклучиво црковен карактер.
Ова би била прва официјална посета на делегација на МПЦ-ОА на Руската православна црква по воспоставувањето на канонското единство со одлука на Вселенската патријаршија и признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на Руската црква, која го прифати Томосот издаден од Српската православна црква.
Иако минатата година владиките Петар и Никола престојуваа во Москва, според изворите на „Религија.мк“, тогашното патување било приватно, за разлика од претстојното, кое ќе се реализира како официјална црковна посета.
Јубилејот на патријархот Кирил се одржува во период на сериозни несогласувања во православниот свет, поврзани, меѓу другото, со украинското црковно прашање и односот на Руската православна црква кон војната во Украина. Сè уште нема официјално потврдена конечна листа на странските поглавари и делегации што ќе присуствуваат на прославата.
Во такви околности, присуството на македонската делегација ќе биде дел од црковните контакти на МПЦ-ОА со Москва, при што конкретното значење на посетата ќе зависи и од составот на останатите гости и пораките што ќе бидат испратени на собирот.
Подготви: Б. Ј.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












