Хаштагот #ЖенаБезНадзор се појави на социјалните мрежи како ироничен одговор на контроверзните изјави на Петар Богојески, лидер на Македонски концепт, коалициски партнер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Христијан Мицкоски.
Во телевизиска дебата на ТВ Алфа, Богојески го обвини феминизмот дека ги поттикнал жените да отфрлат „машки надзор“, тврдејќи дека сопругот има обврска да ја надгледува сопругата.
Неговите изјави за брачното неверство дополнително предизвикаа загриженост поради можноста да се протолкуваат како релативизирање на насилството во партнерските односи.
Ова не е прв случај Богојески да предизвика реакции со својот јавен говор.
ЦИВИЛ МЕДИА во опширно досие од април 2025 година документираше низа негови објави со етнички и верски навреди, радикален национализам, дискриминаторски пораки и дезинформации.
Против него беа поднесувани и пријави за говор на омраза. Мрежата за заштита од дискриминација во април 2025 година побара повлекување на неговото именување за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, надлежна за спроведување на европската програма „Еразмус+“. Богојески ја напушти директорската функција на 24 јуни 2025 година, по само два и пол месеци, во услови на јавни реакции и критики од европски претставници.
ЦИВИЛ – Центар за слобода повеќепати предупредуваше на радикалната реторика на Богојески и бараше институционална реакција. И покрај предупредувањата, тој останува коалициски партнер во власта и има академски ангажман на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Дополнително, има пријавен ангажман во Европскиот центар за мир и развој, поврзан со Универзитетот за мир, основан со резолуција на Обединетите нации.
Најновите изјави на овој радикален лик во македонската политика – и власт – повторно го отвораат прашањето за политичката и институционалната одговорност. Која ја нема!
ЦИВИЛ – Центар за слобода порачува: Женската независност е неразделен дел од универзалните човекови права.
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












