Два трговски брода потонаа во одделни инциденти во бугарската ексклузивна економска зона на Црното Море во период од два дена, на 16 и 17 ноември. Во двете спасувачки операции беа евакуирани сите 31 член на екипажите, без пријавени смртни случаи.
Првиот инцидент: BETUL 8
На 16 ноември, товарниот брод BETUL 8, кој пловел под знамето на Сомалија, испратил сигнал за помош до Поморскиот спасувачки и координациски центар во Варна околу 9:15 часот.
Бродот се наоѓал на околу 40 наутички милји југоисточно од ’ртот Калиакра, во бугарската ексклузивна економска зона, и пријавил дека тоне.
Во спасувачката операција биле вклучени четири пловни објекти од поморската група за противмински активности во Црното Море – два бугарски, еден романски и еден турски брод, како и два хеликоптера „Кугар“ и авион Су-25 на бугарските воздухопловни сили.
Сите 12 членови на екипажот биле евакуирани со хеликоптери. Според објавените информации, станувало збор за осум турски и четири азербејџански државјани. Членовите на екипажот изјавиле дека бродот бил погоден од два морски дрона, но бугарските власти не ја потврдиле независно причината за потонувањето.
Вториот инцидент: танкерот GAS HUSKY
Само еден ден подоцна, на 17 ноември, во бугарската зона на Црното Море потонал и танкерот за течен нафтен гас GAS HUSKY, кој пловел под либериско знаме.
Бродот превезувал пропан од Александрија, Египет, кон романското пристаниште Мидија. Според информациите од бугарските институции, пловилото исчезнало од радарот кратко по полноќ, а околу 8:02 часот бил активиран сигналот од итниот радиопредавател.
Бугарските воздухопловни сили и другите надлежни служби започнале операција за пронаоѓање и спасување на екипажот. Во неа биле вклучени воени авиони и хеликоптери, кои ја лоцирале спасувачката сплавка со морнарите.
Сите 19 членови на екипажот, филипински државјани, биле спасени и пренесени во Варна. Според подоцнежните информации, двајца од нив биле пренесени во болница, но немале сериозни повреди.
Романската поморска управа го поврзала инцидентот со напад со дронови, додека бугарските институции не дадоа конечна потврда за причината. Компанијата што управува со бродот, Stealth Maritime, потврди дека сите членови на екипажот се спасени.
Црното Море – сè поголем безбедносен предизвик
Двата инцидента се случуваат во услови на зголемени закани за комерцијалниот поморски сообраќај во Црното Море, особено во близина на бреговите на Бугарија и Романија, кои се членки на НАТО.
Во последните денови беа пријавени и напади врз други трговски бродови во близина на романскиот брег, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на поморските транспортни коридори.
Црното Море има стратешко значење за транспортот на енергенси, жито и други стоки, а неговите поморски рути се директно засегнати од војната на Русија против Украина. Нападите со беспилотни летала, морските дронови и ризикот од оштетување на цивилни пловила создаваат дополнителни предизвици за крајбрежните држави и меѓународната пловидба.
Б. Ј.












