Синоќа на полноќ измина рокот во кој групи избирачи и политичките партии можеа да се поднесуваат кандидатски листи за Локалните избори 2017 до општинските изборни комисии.
Локалните избори ќе се одржат на 15 октомври на 3.480 избирачки места, во 80 општини и во Градот Скопје.
Во следните 48 часа од приемот на листата на кандидати, општинските изборни комисии ќе утврдуваат дали листите се поднесени во соодветниот рок и дали се составени во согласност со одредбите на Изборниот законик.
Потоа, поднесувачите на листите имаат рок од 48 часа да ги отстранат евентуалните утврдени неправилности, по што општинските изборни комисии ги потврдуваат листите.
Потврдените листи на кандидати, општинските изборни комисии ги доставуваат до Државната изборна комисија најдоцна до 16 септември, и таму се утврдува редоследот во единствената листа на кандидати.
Роковникот за изборни дејствија предвидува жрепката да се одржи на 18 септември, за најдоцна до 21 септември општинските изборни комисии да ги објават листите на кандидати за членови на општинските совети и за градоначалници.
Кампањата ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври, а на 14 октомври е изборниот молк.