Премиерот Зоран Заев не размислува за предвремени парламентарни избори,бидејќи сѐуште се во тек локалните избори, соопшти МИА. Приоритет за Заев се локалните избори, кои, како што рече, треба да завршат комплетно, регуларни и кредибилни на 29 октомври, зашто само така Македонија победува. Ова го охрабрува да носи сериозни одлуки, меѓу нив и за прашањето за името на транспарентен и инклузивен начин.
„Веројатно ќе ги носиме одлуките по 29 октомври. На оваа поддршка, гледам како на поддршка за работа, а не пак за избори. Резултатите од локалните избори, ми даваат дополнителна храброст за носење одлуки, вклучувајќи го и решавањето на спорот со името. Македонија има сериозни одлуки пред себе и треба да ги носи на транспарентен и инклузивен начин, меѓу другите вклучувајќи го и решавањето на спорот со името“ рече Заев.
Тој истакна дека го повикал посредникот Метју Нимиц во ноември по изборите да дојде со нови предлози и идеи и можни решенија за надминување на спорот.
„Би ја повикал опозицијата да учествува во ова прашање, институциите на системот, но во функција на изнаоѓање решение, а не на негово одложување. Затоа што навистина сакаме Македонија да стане 30 членка на НАТО и затоа што е значајно, одлуките што ќе ги носи ЕУ на пролет се одлична можност да почнеме преговори. А, сите знаеме дека мораме да направиме нешто со овој сензитивен проблем, како наметнат од грчка страна“, изјави премиерот Заев.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.