Реан Саити, главен и одговорен уредник во ТВ Арт Канал, Тетово, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, вели дека ако новнарството се практикува професионално и секогаш во потрага по вистината, слободата на изразување па и медиумските слободи се загарантирани.
ЦИВИЛ Медиа: Што подразбирате по слобода на изразувањето, медиумски слободи и активизам?
Саити: Ние новинарите слободата на изразување ја разбираме како изнесување на сите факти без да навлегуваме или навредуваме некој или да направиме нешто што не е во согласност со новинарските стандарди. Тоа подразбира слобода за сите новинари во негување на истражувачкото новинарство, утврдување на фактите без невистини. Под активизам подразбирам активирање на граѓанското општество и на самите новинари да се вклучат во една битка за подобри услови за граѓаните во Македонија и нивно брзо реализирање.
ЦИВИЛ Медиа: На кој начин ги поддржувате или можете да ги поддржите слободата на изразувањето, медиумските слободи и активизмот?
Саити: Секогаш се стремиме кај младите новинари и кај оние што водат политики на локално и централно ниво да овозможат непречена работа и да известуваат во согласност по сите меѓународни стандарди. Ги стимулираме младите да бидат упорни во тоа што го бараат и да бидат во постојана потрага по вистината. За некого можеби е болна вистина, ама таа секога треба да биде приоритет за секој новинар.
ЦИВИЛ Медиа: Дали се соочувате со притисоци од политичките и бизнис центрите на моќта и како се справувате со нив?
Саити: Зборувам за себе. Со 20 години во новинарство изградив став никогаш да не се приближувам до политичките партии. Имам пријатели во сите политички партии, но кога се работи за професионализам, тоа ми е секогаш во прв план. Јас ни на свечени вечери не одам кај политиките партии. Во мојата работа не смеат да ми се мешаат. Работа од 1994 година и можам слободно и јавно да речам дека никогаш не сум имал политички или друг вид на притисок. Вратите ми се отворени во сите политички партии имам почитување од нив, токму затоа што се водам по овие принципи, балансирање во известувањето од двете страни во било каков конфликт. Тоа е целта на нашата телевизија. Можам да спомнам дека и власникот на телевизијата припаѓа на бизнис заедницата, но никогаш од негова страна не сум имал интервенција за некоја вест или информација. Многу е лесно кога еден газда има таков пристап кон сопствениот медиум. Токму тоа што не сум дозволил да ми се мешаат во уредувачката политика досега не сум имал никаков притисок од ниедна политичка партија, а сум поминал во многу турбулентни времиња.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите препораки, како да се одбранат слободата на изразувањето, медиумските слободи и активизмот?
Саити: Една од препораките ја спроведовме на дело. Направивме дебата меѓу спротивставените политички табори на овие локални избори. Доста беа по митинзи градоначалниците поединечно зборувајќи пред народот, ги споивме сите четири кандидати во Тетово па ајде нека зборуваат пред граѓаните, нека кажат што имаат и дали ќе ги исполнат дадените ветувања. Ние пак за две години ќе реализираме дебати да видиме што реализирале. На таков начин се поттикнува слободата на изразување и медиумската слобода. Сѐ зависи од тоа како ќе постапува локална и централна власт. Мислам дека ја научија лекцијата, а пак новинарите се упорни во откривање на вистината. На властите би им препорачал повеќе време и простор да им остават на новинарите. Секоја институција да има свој портпарол. Секоја администрација да има свои луѓе каде новинарите ќе можат да бараат одговори. Граѓаните сакаат да знаат што се случува и на локално и на централно ниво и тие мора да бидат достапни во секое време. Треба да имаат пристапни веб страници со контакт телефони на кои новинарите во секое време можат да се јават и да добијат одговор на било кое прашање.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента