Еден од двајца возрасни е активен пушач, односно 64 проценти, а меѓу младите, 40,2 проценти се изјасниле дека се активни пушачи. Процентот на активни пушачи е највисок кај луѓето од 35 до 44 години, а потоа следат оние од 45 до 54 години, покажа истражувањето на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, кое беше спроведено со наслов „Истражување за употреба на психоактивни супстанци кај општата популација во Република Македонија“. Истражувањето имаше за цел да собере податоци за преваленца на употреба на различни видови на супстанции.
Што се однесува до алкохолот, 86,4 проценти од сите возрасни лица, односно мнозинството, пријавиле дека некогаш конзумирале алкохол во текот на нивниот живот.
Меѓу сите возрасни 42,9 проценти пријавиле дека консумираат алкохол еднаш месечно или помалку, 30,3 проценти консумираат алкохол 2 до 4 пати месечно, 16,1 проценти од 2 до 3 пати неделно, додека пак 8,9 проценти пријавиле дека консумираат и по 4 пати неделно.
Податоците од младите испитаници покажале дека 46 проценти консумираат алкохол еднаш месечно или помалку, а од нив 32,3 проценти го консумираат 2 до 4 пати месечно, 2 до 3 пати неделно кај 14,1 проценти и 4 пати неделно кај 5,8 проценти од младите.
Најчесто користена нелегална дрога е канабисот и 8,2 проценти од сите возрасни пријавиле дека земале од оваа дрога, во одреден момент од нивниот живот, а додека животната преваленца за земање други видови на недозволени дроги била значително пониска, односно екстази 1,6 проценти, 1,1 проценти амфетамини, 1,1 проценти хероин, ЛСД 0,5 проценти и кокаин 1,3 проценти.
Од младите 16,1 процент, пријавиле дека некогаш користеле било каква недозволена дрога, 15 проценти кај оваа возрасна група пријавиле дека земале марихуана во одреден момент од животот, додека кај другите нелегални дроги животната преваленца е: екстази 2,8, хероин 1,7, амфетамини 2,1, кокаин 2,5 и ЛСД 1 процент.
Резултатите од ова истражување се однесуваат на целната популација која ги опфаќа сите жители на возраст меѓу 15 и 64 години, кои живеат во приватните домаќинства.
Ангела Петровска