Министерството за култура на денешната прес-конференција го претстави предлог буџетот за 2018 година.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/1496136400504824/
„Буџетот во културата за 2018 година е развоен буџет со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивните трошења на парите на граѓаните, вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста, обезбедуваме достоинствени услови за работа на сите уметници, културни работници и стручњаци од јавниот културен сектор, овозможуваме распространување и развој на културата низ целата земја и допираме до публиката од сите возрасти“, изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Според податоците од Министерството нешто над 92% од планираните средства од вкупниот буџет се предвидени за финансирање на дејностите од областа на културата, а околу 8% се предвидени за трошоците на администрацијата на Министерството за култура. Во споредба со ланскиот буџет тоа значи 112 милиони денари помалку за трошоци на Министерството и 200 милиони денари повеќе за директно финансирање на дејностите и проектите во културата.
Од средствата предвидени за дејностите, како најзначајни, Министерството за култура ги издвојува средствата за сервисирање на обврските за изградбата на Македонската филхармонија (15 %), изградбата на Албанскиот театар во Скопје (13 %) и Театарот и Библиотеката во Тетово (12%).
Во делот на капиталните проекти, Министерството за култура ќе инвестира 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, 10 милиони денари за изградба на Спомен обележје на Тоше Проевски, дополнителни 70 милиони денари за сервисирање на долговите за изградбата на Македонската филхармонија.
Во буџетот за 2018 година се предвидени и средства за санација на покривите и другите ургентни интервенции за обезбедување на елементарни услови во културните установи.
„Со овој буџет му ставаме крај на т.н. Проект Скопје 2014, нема нови штети и товар за буџетот и парите на граѓаните и се раздолжуваме навремено за досегашните обврски за да не создадеме дополнителна финансиска штета, трошиме помалку пари за потребите на Министерството, а далеку повеќе директно за уметниците и нивните проекти, ја подобруваме инфраструктурата и условите за вработените во културните установи и за публиката од сите возрасти, ги отвораме установите за независна културна сцена, создаваме нови програми и ги зголемуваме можностите за поддршка за сите актери во културата и обезбедуваме механизми за суштинска вклученост на сите засегнати актери во процесите на донесување на одлуки во културата“, заклучи Алаѓозовски.
На новинарските прашања за отстранување на спомениците од Скопје 2014 Алаѓозовски вели дека сите анализи на работните групи се завршени, но дека тие претставуваат дел од доказниот материјал во судските процеси кои ги водат ОЈО и СЈО.
М.И.