Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ја објави последната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по добиените коментари на Единствениот национален електронски регистер (ЕНЕР).
Според МИОА, последната верзија што ја објавуваат пред да биде дел од владина процедура е резултат на заедничката работа на Владата и на претставниците на медиумската сфера во Македонија.
Претходната драфт верзија на законот беше објавена на ЕНЕР на 4 -ти минатиот месец, по што сите заинтересирани страни имаа можност од 26 дена да испраќаат свои коментари и предлози. Процесот за подготовка на Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, започна со првата јавна дискусија што се одржа на 14 јули годинава.
На 20-ти минатиот месец министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заедно со министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, ја одржаа втората јавна дискусија посветена на овој закон.
Од МИОА посочуваат дека во изминатите неколку месеци се остварени голем број средби и состаноци со сите заинтересирани страни и биле сослушани и разгледани мислењата на сите кои покажале интерес да се вклучат во процесот на подготовка на Предлог-законот.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.