ЦИВИЛ – Центар за слобода ја поддржува граѓанската иницијатива којашто го крена гласот против неправедното судење во случајот на Алмир, и им се придружува во барањата до Јавното обвинителство на Република Македонија, и до Јавните обвинители, стручно и совесно да ја вршат нивната функција и да одлучат како што предвидува правото и правдата, односно, да не се преквалификува делото во случајот на убиството на Алмир.
Како организација којашто се залага за човекови права, сметаме дека Јавното обвинителство треба да биде гласот на правдината и секогаш во одбрана на граѓаните, и да не подлегнува на никакви притисоци од која било страна на интереси. Граѓаните на Република Македонија треба да бидат еднакви пред судот и законите, и да се третираат како еднакви во делењето на правда, како и во казнувањето. ЦИВИЛ – Центар за слобода го осудува обидот на Јавното обвинителство за преквалификација на делото во случајот на Алмир Алиу, од убиство, во сообраќајна несреќа со смртни последици.
Правото и правдата во Република Македонија мора да се врати на правиот пат, и да ги почитуваат човековите права гарантирани со Устав, да не се прават никакви поделби од етнички или друг карактер, и да се почитуваат правните норми.