Парализирана, без никаква помош и во многу лоши услови, живее Пендије Кангули во ромското маало „29 Ноември“ во Тетово. Нејзината снаа за ЦИВИЛ Медиа вели дека секојдневно мака мачи за да ја чува.
„Не добиваме никаква помош за неа. Маж ми ако собере пластични шишиња и ако ги продаде тогаш ќе имаме за јадење. Свекрвата ми е неподвижна, немаме услови да се грижиме за неа како што треба. Немаме купатило, немаме канализација, немам машина за перење, перам на раце во корито…“
Во тетовско ромско маало, во центарот на градот, живеат околу 150 души од кои дури 90 се деца. Заборавени од институциите и државата тие живеат во субстандардни услови, без вода, канализација, струја… Најголемиот дел од жителите во таа населба живеат во импровизирани куќички, без елементарни услови за живот. На секоја страна има расфрлено ѓубре, кал, вода од браздите…
Дали некој од надлежните институции ќе ги посети и ќе им понуди помош на жителите од тоа маало?
Дехран Муратов