Предлог – законите за изменување на Законите за безбедност на производите, за заштита на потрошувачите и на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали на предлог на Министерството за економија треба да се најдат на дневен ред на денешната седница на Владата.
Како што соопшти владината прес-служба, пред министрите ќе се најде информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот – Подобрување на квалитетот на податоците во катастарот, како и информацијата од Работната група за приоритетот „Младинска работа“ со конкретни предлози, план/програма за работа и очекувани идни активности од страна на Владата и другите државни институции.
Министрите на 70-тата седница што ќе започне напладне, ќе ја разгледуваат и информацијата за степенот на реализација на активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија – ревизија 2017 година, предвидени за реализација заклучно со последниот квартал од 2017 година.
На предлог на Министерството за локална самоуправа, на дневен ред се и предлог – одлуките за доделување средства за финансирање на проекти од развој на села 2018-та година, како и за доделување средства за финансирање проекти од развој на плански региони 2018 година.
Владата, на барање на Собранието на Република Македонија на денешната седница треба да даде и мислење за предлог – законот за изменување на Законот за акцизите.
(МИА)