Mинистерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки денеска ги потпиша договорите за распределба на средства за финансирање по Програмата за управување со водите за 2018 година.
– Согласно Конкурсот кој беше објавен кон крајот на јануари, околу 56.300.000 денари се доделени на 15 општини во Македонија за проектирање и изградба на нови и одржување и унапредување на постојните јавни водоснабдителни објекти и за уредување и реконструкција на водотеци, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Договори се потпишани со градоначалниците на општините: Кичево, Брвеница, Сарај, Крушево, Чучер Сандево, Демир Kапија, Теарце, Липково, Ѓорче Петров, Тетово, Новаци, Струга, Врапчиште, Крива Паланка и Кочани.
– Помaгајќи ги локалните самоуправи во делот на управувањето и заштитата на квалитетот на водите преку подобрување на инфраструктурата за водоснабдување и за заштита на водотеците, се инвестира во постигнување на долгорочните цели – поквалитетен живот на населението, спречување на последиците од поплавите и почиста животна средина, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање. (МИА)