„Шипо се смести ти а, не за џабе се влечевте по улици,кршевте, фрлавте куртони и никој не го јадеше калапот, ве чуваше чичко бејли, ве чува и денес! Напрај некој динар додека си таму зашто ќе се мењаат работите“, ми напиша еден анонимен мврол на Твитер.
Настрана речникот кој говори за инспираторите и учителите, нему, а и на сите со слични размислувања, еве уште еднаш ачик да им кажам:
Тие што мислат дека во државна администрација се прават ДИНАРИ/пари се или глупави, или нереализирани, или луѓе со криминален ум. Имам над 25 години работно искуство, секогаш сум заработувал барем двојно повеќе отколку сега. Никогаш ниту денар не сум земал од оваа држава, до сега. А сега…сега ми се случува често пред крај на месецот да си дадам плата…од мојата заштеда.
Не, лепотани. Не сум во администрација за да се збогатам. Туку да завршам работа. Не за мене, ниту за моето семејство, туку за ова општество. Максимално квалитетно, во рамките на моите знаења, капацитети и можности. Додека треба, или, додека чувствувам дека сум корисен.
За жал, не се само луѓето како овој анонимен мврол кои размислуваат така. Администрација – можност за „ухлебување“, награда за „сработеното“, врски, проекти, конкурси, грантови, тендери, концесии…..Но, едно големо НО:
Треба исто така да раберете, пренајлични мои, дека не има и нас другите, кои сме против тоа размислување и делување, и кои засукале ракави и влегле да ги сменат работите, и преку личен пример меѓу другото. И дека таа наша „жртва“, додека некој сонува за „ухлебуење и богатење“ на сметка на граѓаните, е свесна. Колку и да звучи ова (песимистички) претенциозно, свесни сме дека дури ни историјата не познава примери на реформатори кои ги „преживеале“ вистинските реформи во било која држава. Како беше она – револуциите ги јадат своите деца…
Реформите значат соочување на општеството со работи за кои тоа не е подготвено, поправање на сериозни дефекти, менталитет, борба со корупција, воспоставување на владеење на правото, професионална администрација, еднаквост за сите – таму каде што ги нема…А како и секогаш низ историјата, во „чистилиштата“ најдобро поминуваат „тивките“, „нечиите“ и „снаодливите“, а гинат гласните, борците, оние кои ќе прегорат од работа….Сепак, секогаш има луѓе што свесно ќе влезат во најгустото и ќе повлечат напред, без оглед на последиците. Оти, не се борат за себе, и не се борат за денес.
Можам на крај само да порачам: Кога ќе погледнеме зад себе – оставивме назад деценија на пустошење, го избегнавме најлошото и тргнавме напред. Имаме уште малку до излезот од тунелот. Пред самата цел сме, затоа, не очекувајте ниту во сон дека ваквите размислувања и постојани напади ќе не поколебаат. Напротив, мотивацијата само расте. Живели!
#NieSmeLudaci
#AluminiumToTheMaximum
#NemaPravdaNemaMir
#DoPobeda