Фразата „сѐ е законски“ ми е омилена. Заедно со онаа дека им се „врзани рацете“. Ама оваа ми е уште поомилена.
Факт е дека законите се основна алатка да се врами и ограничи самоволието на властодржецот и тие се форма во која полесно може да се применува правото.
Меѓутоа, не секој закон е право. Напротив, многу закони во себе содржат многу повеќе неправо отколку право.
Фразата “се е законски“ е совршен начин за прикривање на секоја можна манипулација, измама и кражба која државата ја прави или сака да ја направи.
Законите се менуваат, прилагодуваат и донесуваат од одредена група луѓе. Тие можат да бидат и неправни и неправични и нелогични, а сепак да бидат закони.
Во услови кога законите биле донесувани без никакво учество на граѓаните (а некогаш и без учество на пратениците туку само со притискање на зеленото копче), кога законите се менуваат по 15 пати во годината (а некогаш и два пати на една иста седница на Собранието), кога законите не ги одразуваат вистинските потреби на граѓаните туку интересите и потребите на властодржецот, тие закони претставуваат легализација на криминалот и озаконување на неправото.
Значи, кога ќе се каже дека е нешто според закон може да значи и дека е во рамките на лош, бесмислен, нелогичен, апсурден закон донесен од некоја претходна фашистичка власт. Таквото тврдење е еднакво бесмислено како тврдењето дека мора така да се прави затоа што тоа го започнала претходната власт.
Па, ние се отепавме да ја смениме претходната власт, затоа што не ни се допаѓаше тоа што го прави.
И се отепавме да ја смениме претходната власт заради тоа што донесуваше закони со кои ги угнетуваше граѓаните, ги крадеше, ги осиромашуваше. Закони со кои дозволуваше загадување на воздухот и со кои промовираше незнаење и закони со кои го скратуваше животниот век и со кои ја оправдуваше секоја своја постапка.
И се отепавме да ја смениме претходната власт, затоа што секоја своја неправна активност ја правдаше со фразата „сѐ е според закон“.
Кога граѓаните ќе постават прашање, одговорот треба да содржи јасно образложение зошто нешто е направено, во што се состои јавниот интерес и што добиваат со тоа граѓаните. Објаснувањето треба да содржи податоци за тоа како државата ќе се справи со негативните елементи и како преземената акција придонесува за натамошниот развој.
Да кажеш дека сѐ е според закон и тоа според закон заради кој била симната од власт претходната владејачка гарнитура, значи дека твојата цел не била промена, туку замена на властодржецот. Онаа старата за Мурто и Курто.
Преземање на содржините од оваа рубрика е ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.