Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Брисел имаше издвоен состанок со грчкиот министер Евангелос Апостолакис, во рамките на министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО.
„Ова се историски моменти кои немаше да бидат возможни без лидерството во двете земји, но и чувството на одговорност кај двете влади – одговорност да придонесат нашиот регион да биде стабилен, мирен и просперитетен. После долго и загубено време, нашите влади имаа храброст и одлучност да погледнат кон иднината и да сфатат дека компромисот е најголемата победа“, рече Шекеринска.
Министерката се заблагодари за ратификацијата на пристапниот протокол и изрази убедување дека целиот процес ќе заврши брзо и ефикасно.
Апостолакис рече дека договорот од Преспа е пример како треба да се решаваат спорови. Тој иницираше нов договор за одбранбена соработка меѓу двете земји. Грчкиот министер рече дека двете влади многу инвестирале во договорот од Преспа за доброто на своите граѓани. Двајцата министри се согласија дека соработката во следниот период ќе се интензивира на билатерално и регионално ниво и во рамките на НАТО.
До крајот на денот Шекеринска ќе се сретне и со своите колеги од Белгија и Турција.
А. П.