Зоран Заев продолжува со практиката на трговија со највисоките национални и државни интереси само за да се задржи што подолго на власт. Овој пат одлучи шверцерски, без консултации да изготви закон за попис на кој што по испробан рецепт му стави европско знаменце, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Според Стоилковски, ваквото брзање во процедурите за носење на ваков текст, без да се остави доволно време за дискусија, остава место за сомнеж за содржината и за вистинските намери на Заев.
„Кон сето ова може да се додадат и забуните во јавноста кои што беа креирани од власта, за тоа дали и на кој начин ќе биде опфатено прашањето за изјаснување за етничка и религиска припадност, како и прашањето кој сѐ ќе биде преброен и дали и на кој начин ќе бидат попишувани оние кои се отсутни од Македонија во определен временски период? Оттука брзањето овој закон веднаш и неодложно да биде ставен во процедура, остава место за сомнеж дека постои обид за донесување закон за спроведување на попис без вистинска консултација со ВМРО-ДПМНЕ, со опозицијата и со јавноста“, вели Стоилковски.
Тој додаде дека доколку власта се одлучи да продолжи на таков начин на носење на законско решение за спроведување на попис кој што остава можност за сомневање во пописните резултати, остава можност ВМРО-ДПМНЕ и голем дел од граѓаните да не учествува во попишувањето организирано на начин спротивен на демократските процеси.
На ова реагираше професорката Мирјана Најчевска, која на својот Фејсбук профил напиша дека ова е сосема погрешно за една политичка партија.
„Е ова е кога потполно ќе изгубиш компас. Или кога главен правен консултант ќе ти стане Каракамишева. Ова е исто како да речеш, ние како партија ќе го бојкотираме правилото да се вози на десна страна и да се застанува на црвено светло. Или, ние како партија може ќе решиме да не ги испраќаме децата на училиште. Или, ние како партија ќе бојкотираме секој обид ѓубрето да се фрла во контејнери и ќе си го фрламе ѓубрето каде што сакаме…“, напиша Најчевска.