Во однос на оценката за политичките и социолошките очекувања за минатата 2018 година, Хусеи еф. Адеми, во разговор за Перспективи 2019, вели дека на секој паметен човек ќе му биде јасно дека не се смениле многу работи на „сцената“ во Македонија.
„Политиката некако талка во место, барем јас така гледам. Има промени, се ослободивме од оној терет којшто ни беше 11 години врз плеќите. Луѓето почнаа малку послободно да дишат, и покрај загаденоста на воздухот во Скопје. Но, сепак мислам дека многу повеќе треба да се работи, разочарувањето кај луѓето сè уште постои, економската немоќ во која се дави народот сè уште нè притиска сите нас подеднакво и мислам дека е време овие нашиве политичари, со мазни лица и нежни дланки, малку посериозно да си ја разберат работата и малку повеќе да поработат со народот“, вели Адеми.
Адеми вели дека во однос на религискиот аспект, може да биде доста критичен бидејќи и тој самиот не гледа некои големи поместувања и некои конкретни проекти кои ќе овозможат приближување не само на двете најголеми верски заедници во Македонија, туку воопшто.
„Мораме да бидеме оптимисти дека сепак имаме капацитет и сила, само е потребно тој „вентил“ кај политичарите конечно еднаш засекогаш да пукне и да се отворат повеќе кон народот, и на народот да му се даде повеќе шанса да почувствува дека и тој е важен дел од оваа наша структура“, додава Адеми.
Во однос на очекувањата за 2019 година, Адеми вели дека оние луѓе кои ја водат државата, дека глумат дека се главни, а треба да бидат тука за народот, да им дадат повеќе простор на младите за да можат да го развиваат својот интелект.
„Да бидеме апсолутно отворени едни кон други, бидејќи отвореноста води кон економско добро, а затвореноста може да води кон работи кои скапо ќе нè чинат нас“, додава Адеми.
Дехран Муратов
Обработка на текст: Ангела Петровска
Камера и монтажа: Биљана Јордановска