„Со должно внимание ги проследив сите забелешки и коментари кои се однесуваат на објавените резултати од Годишните конкурси на Министерството за култура. Големиот одзив кон објавените резултати покажува дека сме на линија со нашите заложби транспарентно и отчетно, без никакви предрасуди да донесеме Програма која ќе го поттикме развојот на културата во државата“, изјави Асаф Адеми по реакциите во јавноста за резултатите од Годишниот конкурс на Министерството за култура.
По повод конкурсот за годишната програма за проекти од национален интерес во културата реагираа Скопскиот џез фестивал, Златно славајче, Танц фест Скопје, а оставка од функцијата во Советот за култура си поднесе и театарската режисерка Зоја Бузалковска.
Целата културна јавност остро реагираше и побара оставки од министерот за култура Асаф Адеми и од Комисијата која ја вршела распределбата на парите во годишната програма, како и целосно поништување на конурсот.
Зоја Бузалковска напиша протестно писмо на Фејсбук, со кое освен што си поднесе оставка, со отворено писмо упати остра критика до Зоран Заев и неговиот систем на вреднување.
„Јас од Вас сега барам јасни, конкретни, бескомпромисни постапки, од кои ќе ми стане видливо дека сте ме разбрале! Такви постапки засега правите само на едно поле, само по едно прашање, за што Ви се восхитувам, но за тоа да биде така, жрвувавте многу, а има опасност да жртвувате и сè“, вели во нејзиното отворено писмо.
Остро реагираше и Оливер Белопета, основожоложникот на Скопскиот џез фестивал. Оваа година Министерството за култура одби да ја поддржи оваа манифестација на конкурсот за проекти од областа на културата. Белопета на изјавата на Заев дека Џез фест бил молен да достави документи, а ниту еден не приложен според протоколот, Белопета реагираше дека секој поединечен искажан збор на премиерот е неточен.
„Комплетна лага! Не е мое да претпоставувам кој од неговите најблиски кабинетски соработници му пренесува вакви “информации“, иако притоа не би бил далеку од вистината“, изјави Белопета.
„Би сакал да ја информирам јавноста дека сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета. Со цел поголема транспарентност на целиот процес ќе бидат поканети и претставниците на медиумите. Воедно ги поканувам сите засегнати апликанти кои имаат потреба, да се обратат во Министерството за култура за информации поврзани со нивните проекти. Наша цел е да ги стимулираме и соодветно да го вреднуваме придонесот на уметниците, институциите од културата, независниот културен сектор, и во таа смисла остануваме силно посветени на оваа наша определба“ додаде Адеми, во ијзава за медиумите во Берлин, каде меѓудругото ќе присуствува на премиерата на македонски филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска кој е во главна селекција на Берлинскиот филмски фестивал.
Б. Ј.