Првото истражување на Младинскиот образовен форум „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“, беше промовирано денес со фокус на Агенцијата како носител на креирањето и спроведување на младинските политики.
„Според истражувањето за перидот 2014-2016г, соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт (АМС) и другите институции била на ниско ниво. Имало малку заеднички проекти и нема уредна документација за активностите. Агенцијата имала константна соработка единствено со МОН и одредена соработка со МИОА, АВРМ и Министерството за култура. Со Министерството за локална самоуправа немало соработка, додека Агенцијата за администрација и МТСП не располагале со информации за соработка со АМС. Соработката со младинските организации била посебно слаба. Во минатите години агенцијата делувала сегрегирачки кон младинските органзации и соработувала само со малку од нив. Од 2014 до 2016 Агенцијата имала потпишано само 11 меморандуми со 6 организации што е мал број за период од три години. Односот на агенцијата кон младите и општата јавност придонел да биде перцепирана како „агенција за спорт” која ги исклучува младите од своето делување.“ стои во соопштението на МОФ.
„Знам дека не ги задоволуваме барањата на младите во нашата држава од причина што ни во оваа ни во претходната влада не се приоритет младинските проекти, но тоа не значи дека соработката со невладиниот сектор треба да застане, туку дека треба да се најдат соодветни начини за идна успешна соработка. ” – изјави Гордана Цекова од АМС.
Овој проект е реализиран од страна на Младинскиот образовен форум, и е поддржан од проектот “Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” (ФООМ) и “ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии”, и е финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.
Ангела Петровска