Суарет Алишан, претседател на граѓанското здружение „Детски свет, нов почток“ сè уште не може да си го оствари правото на документ за идентификација, односно лична карта. Во разговор со ЦИВИЛ Медиа, подетално објасни зошто МВР нема основ да му издаде лична карта и кој всушност го спречува целиот процес.
Алишан вели дека вината е кај вработените во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје и кај надлежните во Министерството за труд и социјална политика.
„Центарот за социјална работа се префрли на нова адреса. Јас како граѓанин отидов да си го остварам правото на нова лична карта во МВР. Тие, согласно Правилникот на МВР, ми дадоа указ дека треба да одам во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи да ми дадат потврда дека сум нивен штитеник и врз основа на таа потврда ќе ми издадат нова лична карта.
Меѓутоа, тие ме известуваат дека моето барање е одбиено, врз основа на Закон од 2005 година и се однесува за групна постапка. Јас лично поднесов барање за потврда… Затоа се обратив до МТСП, односно до министерката Мила Царовска. Одговор уште немам. Единствена комуникација ја имам со нејзиниот советиник Душан Томшиќ. Побарав помош од Хелсиншки комитет и тие ми излегоа во пресрет… “, изјави Алишан.
Суарет Алишан е дете без родители и лице со попреченост. Тој има право на социјална помош и додаток за слепило, но поради неможноста да извади лична карта, не може да ги користи тие средства. Банката не му дозволува пристап до финансиската помош, на ниеден начин, освен со документ за лична идентификација.
Алшан ги повика сите што се наоѓаат во иста ситуација како него да се здружат и заеднички да го надминат проблемот со институциите под ингеренција на МТСП.
Биљана Јордановска