Алтернативната уметност е она што се создава надвор од формалните простори, институциите, вообичаените настани, програми, концепти, форми.
Алтернативната уметност е слободна, независна, вонинституционална, таа тежнее да ги деконструира институциите, а не да ја институционализира алтернативата.
Алтернативната уметност стапува во интеракции со институциите и рамките само субверзивно и конфликтно во уметничка смисла, без дневен ред, хаотично, непостојано, интервентно. Тогаш „рамката“ е само делче на една поголема слика – без рамка.
Алтернативната уметност не бара мецени, субвенции, проекти. На алтернативната уметност ѝ се потребни маргините. Од нив ја црпи креативната сила, и нуди визии кои се подалеку од нормираното, денешното, очекуваното, возможното.
Такви визии се многу поразлични од што може да го понуди кој било уметник што добива финансиска компензација од државата или приватен бизнис. Тој/таа за возврат ќе „испорача“ производ што ќе го носи неговиот уметнички печат, но, се разбира, нема да излезе надвор од рамките на очекувања, од моралните, етички и формални норми на финансиерот и јавноста за која е „наменет“ производот, поставени во конкурсот, договорот за грант, спонзорство… Рамки, во кои денес функционира она што модерно се нарекува „креативни индустрии“.
Лесно е да се препознае што е вистинска, а што лажна алтернатива во уметноста.
Еве кај нас на пример, имате една „алтернатива“ која со години, море децении, црпи средства за проекти од државата, спонзори, мецени, бизнисмени. Субвенционирана или спонзорирана алтернатива, штобисерекло. Ок е и тоа.
А вистинската алтернативна уметност? Па, ќе ја најдете таму каде што треба, надвор од институциите, на маргините. Со таа разлика што кај нас и маргината – е маргинализирана.
#AluminiumOverMaximum
#SubvencioniranaAlternativa
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.