Дваесет и пет амбасади како и Меѓународни организации во Македонија денеска во Градскиот трговски центар со продажба на национални производи учествуваа во хуманитарен базар, кои средства ќе бидат донирани за децата со оштетен слух и говор во училиштето ДУЦОР „Партенија Зогравски”, Скопје. Базарот е во организација на Здружението „Добредојде“ – Macedonia welcome Centre“ (DMWC).
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов порача дека град Скопје секогаш ќе биде поддржувач на вакви хуманитарни акции и ги повика сите хумани луѓе да учествуваат во купување на производите за хуманитарни цели.
– Да ја покажеме нашата хуманост на дело, да го славиме нашето учество во подобрување на нечии туѓи животи за кое мислам дека од хуманитарен аспект е една од најблагодарните работи, истакна Шилегов и нагласи дека оваа манифестација и во иднина ќе биде поддржана од град Скопје.
Традоционалниот „2018 DMWC Меѓународен добротворна Базар” посветен на 1 јуни – Меѓународниот ден за заштита на правата на децата е под почесното претседателство на амбасадор на Унгарија во Република Македонија Дукс Ласло Иштван.
На малата сцена во ГТЦ пред посетителите на Базарот со свои точки се претставија децата од училиштето „Партенија Зогравски”, се одржа уметничка работилница „Дрво на среќа” под раководство на академскиот сликар Жанета Гелевска-Вељаноска, а беа доделени и признанија за учесниците и спонзорите.(МИА)