Од печат излезе „Амбиент“ – книга четврта (2018-2019) (анализи, колумни, коментари, интервјуа…) на Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство. Редактор и издавач и на оваа книга, хронолошко продолжение на претходните „Амбиент“ 1, 2, 3 и 3/1 е Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.
„Амбиент – 4“ содржи 67 новинарски текстови (анализи, колумни, коментари) објавени на веб – порталите „Инбокс 7“ и „Цивил“ и кои се однесуваат на актуелните случувања во земјава во годините 2018-та и 2019-та, новинарски содржини на теми од актуелните македонски внатрешни и меѓународни турболенции, за политиката и политичарите, за клиентелизмот и корупцијата, за вистините и лагите…
И во „Амбиент – 4“ Зоран Иванов останува актуелен, уникатно директен. Напати ироничен, но содржаен, покажувајќи ги ретката аналитичка дарба и неверојатниот сенс преку актуелните случувања да ги предочува и наредните неминовни процеси и настани.
Неговиот стил е посебно посебен. Неговиот новинарски израз е реторика во пишана форма. Таков е и сега во „Амбиент – 4“. Како и во неговите претходни книги со ист наслов, така и во овој четврти „Амбиент“, силно блика неговиот новинарски карактер, неговиот нескротлив новинарски темперамент рамен на новинарска страст.
Зоран Иванов е новинар. Нетипичен, различен. Посебно оригинален во храброста, во одважноста. Во инаетот можеби. Во ставот да го истера своето преку исклучително професионалниот новинарски израз. Да си го каже личниот суд за нештата. Го прави тоа без какви било калкулации. Без меѓу редови. Без премисли. Без задршки. Онака најдиректно, журналистички силно.
Деновиве од печат треба да излезе и „Амбиент“ – книга петта (2019-2020), која заедно со „Амбиент – 4“, ќе биде уште една рефлексија на, сега веќе, пет децениското новинарско творештво на Зоран Иванов, бард на македонското новинарство, аналитичар, хроничар на денот и времето…