Нацрт-резолуцијата за признавање на војната на Русија против Украина како геноцидна беше меѓу првите нацрт-закони поднесени до новиот американски Конгрес на 6 јануари, покажа веб-страницата на Конгресот.
Нацрт-резолуцијата беше поднесена од двопартиска група законодавци, рече амбасадорката на Украина во САД Оксана Маркарова во објава на Фејсбук, пренесува Кијив Индипендент.
„Систематските акции против украинскиот народ извршени од руските сили под раководство на политичкото раководство на Руската Федерација исполнуваат еден или повеќе од критериумите од член II од Конвенцијата за геноцид“, се вели во преамбулата на нацрт-резолуцијата.
Во резолуцијата се наведува намерното таргетирање на цивили, цивилната инфраструктура од страна на руската војска, систематското сексуално насилство врз украинските жени, мажи и деца, како и присилната депортација на украинските деца во Русија.
„Сите злосторства извршени од Руската Федерација мора да бидат рефлектирани во американскиот закон за да се осигура дека руските криминалци ќе бидат казнети и да се спречат вакви грозоморни злосторства во иднина“, напиша украинската амбасадорка во својата објава.
„Во моментов, Генералното обвинителство на Украина отвори 170.090 случаи на злосторства поврзани со агресијата на Руската Федерација (151.698 за воени злосторства)“, додаде Маркарова.
Нацрт-резолуцијата ги повикува САД да ја осудат Русија и да ја поддржат Украина и меѓународната јурисдикција против одговорните за дејствијата на Русија.
На почетокот на 2023 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, руската функционерка која наводно ги надгледувала присилните депортации на украинските деца во Русија.
Драган Мишев