Одговарајќи на казните изречени на демонстрантите, Омар Окрибелашвили и Саба Мепаришвили, и на новите околности на нивното судење по учеството во протестите во мај 2024 година против законодавството за „странско влијание“, Денис Кривошеев, заменик директор на Амнести интернешенел за Источна Европа и Централна Азија, рече:
„Осудувањето на Омар Окрибелашвили и Саба Мепаришвили на затвор, преку спогодба за признавање вина по повеќемесечниот притвор во рацете на властите познати по тортура и друго малтретирање на демонстрантите, е пародија на правдата. Случајот е олицетворение на суровоста на грузиската влада кон оние кои се противат на нејзиниот дрзок напад врз граѓанските права на грузискиот народ.
Според Кривошеев, наметнатите тешки затворски казни, според кривичната одредба која не им дозволува на судиите да ги земат предвид конкретните околности на случајот (вклучувајќи ја релативно малата штета што Омар Окрибелашвили и Саба Мепаришвили признаа дека ја предизвикале), нагласуваат како казнено-правниот систем во Грузија е вооружен да го задуши несогласувањето, да влее страв и да го замолчи слободниот говор.
„Наметнувањето на какви било кривични санкции мора да го исполни принципот на минимална интервенција – со други зборови, системот на кривичната правда треба да се користи само до „минималниот износ потребен за заштита на општеството“. Затворските казни треба да се применуваат само во исклучителни околности и како последно средство, смета Кривошеев.
„Клучна позадина на ова судење е суровоста на полицијата кон демонстрантите. Вознемирувачко, и покрај обемните докази, ниту еден полицаец не одговара за брутална, незаконска употреба на сила против демонстрантите во последните 12 месеци“.
На 20 јануари, градскиот суд во Тбилиси го официјализираше договорот за признавање на вината за активистите Омар Окрибелашвили и Саба Мепаришвили, кои беа обвинети за оштетување на привремените полициски бариери за време на протестите во мај 2024 година против законот за „странско влијание“. Малата штета беше проценета на 400 грузиски лари (околу 140 американски долари) и доведе до тоа двајцата активисти да бидат приведени во истражен притвор. Двајцата активисти пријавија тешка злоупотреба, вклучително и психичко вознемирување и принуда. Саба Мепаришвили, исто така, пријави дека бил претепан од полицијата.
Според договорот за признавање вина, на активистите, на кои првично им се закануваше затворска казна, им беше намалена казната на две години и шест месеци поради амнестија донесена на 17 септември 2024 година. Сега од нив се бара да одлежат 1,5 години затвор и една година на условна, со 10 месеци преостанати во притвор. Уставноста на одредбата според која двајцата мажи беа обвинети – член 187(2)(в) од грузискиот Кривичен законик – во моментов се оспорува во посебен случај врз основа на тоа што наметнува минимална казна затвор (од три години), елиминирајќи ја судската дискреција за определување соодветна мерка на казна во секој поединечен случај.
Подготви: Драган Мишев