Романската поетеса Ана Бландијана е добитничка на „Златен венец“ за 2019 година, главна награда на „Струшките вечери на поезијата“,а наградата ќе и биде врачена на поетското читање „Мостови“ ,кое ќе се одржи од 21 до 28 август.
Одлуката ја соопшти Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот СВП на денешната Свечена седница, која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Местото кое Ана Бландијана, со псевдоним Отилија Валерија Коман (родена во Темишвар, 1942), го зафаќа во книжевниот живот на Романија, може да се спореди со она на Ана Ахматова во Русија или Вацлав Хавел во Чешка. Таа е високо признаена фигура во романската книжевност и има напишано седумнаесет стихозбирки, две книги фантастична проза, девет книги есеи и еден роман. Нејзиното дело е преведено на 25 јазици и претставено во 80 книги поезија и проза до денес.
Бландијана беше истакнат противник на режимот на Чаушеску, а нејзините храбри и искрени песни, како и храбриот став во одбраната на етичките вредности, ја претворија во легендарна фигура во романската литература. Низ годините нејзините дела станаа симболи на етичката свест која одбива да биде замолчена од тоталитарната влада. Во мрачната политичка панорама по 1989 година, таа стана слика на надеж.
Низ годините, Бландијана напиша низа стихозбирки – Ахилова пета (1966), Третиот сакрамент (1969), Октомври, ноември, декември (1972), Сон во рамките на сонот (1977), Окото на штурецот (1981) и Граблива ѕвезда (1985) – кои ја етаблираа како еден од најистакнатите поети на нејзината генерација. Таа наскоро стана плоден, многу ценет поет – добитник на бројни награди, признаена од Романската академија и Писателската унија. Во 1982 година, таа стана најмладиот добитник на наградата Готфрид фон Хердер доделена од Универзитетот на Виена.
„Во светот во кој војните, револуциите и промената на историјата и географијата оставија малку простор за поезијата, наградата „Златен венец” опстои шест децении на преминот меѓу два века и со помош на лирата и ловориките се спротивстави на сите видови оружја и со љубовни зборови се спротивставува на сите видови омраза. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец“, порачува Бландијана.
„Да се биде жена во овој суров, длабоко патријархален и циничен свет ниту некогаш било, ниту пак сега е едноставно и лесно. Но да се биде жена, автор и неуморен борец на страната на правдата и вистинските вредности – тоа бездруго изискува многу повеќе заложби, храбра истрајност и жртви, што воедно значи да се живее со товарот и ризикот, во двојна мера зголемен, поради голиот (и судбински) факт, дека си родена како Жена! Особено, ако си жена, родена овде, на Балканот, традиционално недоверлив (и бездруго надмен) токму кон жените“, рече Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“.
А. П.