Министерството за внатрешни работи ги потврди наводите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека МВР прислушува повеќе од 100 луѓе од врвот на партијата, изјави поранешниот министер за внатрешни работи, чиј мандат траеше само еден ден, Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Андонов, одговорот од МВР дека работат во согласност со законите и со наредба од судот, преку Јавното обвинителство, е директно признание дека се прислушува раководството на опозициската партија.
„Ова е скандал и атак врз демократијата, плурализмот и врз слободната мисла“, рече Андонов, додавајќи дека СДСМ врши политички прогон на сите неистомисленици и политички противници.
Андонов тврди дека владејачката партија го претворила МВР во алатка за пресметка со демократските сили во државата.
„Бараме веднаш да се направи стручна експертиза, во која ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти и кои ќе ја утврдат состојбата со следењето на комуникациите од страна на МВР. Кога СДСМ се дрзнува да го прислушува раководството на ВМРО-ДПМНЕ, сигурни сме дека секојдневно се прават злоупотреби од секаков вид“, истакна Андонов.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.