„Има незначително руско влијание во нашата држава. Оние пратеници кои се во Собрание, а кои се проруски настроени мислем дека се незначителни, бидејќи нашата држава секогаш одела кон Западот. Тие што пропагираат дека се проруски настроени сигурно гледаат западни филмови, слушаат западна музика, децата ќе ги пратат на школување во Запад, а не во Москва“, истакна Дејан Андоновиќ, новинар во Слободен Печат, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Дезинформациите и пропагандата во медиумите: Влијание на проруските наративи врз евроатлантската ориентација на Северна Македонија“.
„Дезинформациите и пропагандата во медиумите се манифестираат со тоа што лажните информации доаѓаат до луѓето кои ги конзумираат тие информации и на некој начин им се искривуваат гледањата за одреден настан. Во случајот околу војната во Украина, јас прво мора да кажам дека како новинар кој ги следи настаните од тука преку медиумите, не гледам некои дезинформации, бидејќи и нашите медиуми практично се раководат од извори кои доаѓаат од западните агенции, има влијание, според моето искуство, од српските медиуми, кои се под жесток напад, или наплив на руските информативни медиуми, па оттаму, кога нашите читатели или слушатели ги гледаат директно српските медиуми, тогаш може да дојде до некакво, да кажеме руско влијание. Но, доколку нашите граѓани ги следат нашите медиуми, тогаш со сигурност нема речиси никакво влијание, бидејќи моето искуство кажува дека сите ние што сме по редакциите, внимателно ги следиме информациите. Мора да кажам и една друга работа, како новинар, а тоа неколку пати сум го кажал, независно од се, ми се чини дека не беше добра постапката да се укинат руските медиуми, бидејќи како новинари не можеме да ја гледаме и другата страна, која ние како професионалци сигурно нема да бидеме изманипулирани од нивната вистина, но ќе можевме да ги вагаме работите кои доаѓаат и од истокот и од западот.
Но, руското влијание успеа да се протне низ новите медиуми, пред се социјалните медиуми, каде што, на некој текст што се однесува на Украина, Русија, Путин итн., имаме милиони и милиони лажни или вистински ботови или вистински адреси или луѓе кои ги критикуваат постапките на премиерот или претседателот во корист на Русија, и тука се гледа едно мало про-руско влијание. Или, ако се тоа вистински луѓе, тогаш ни е јасно и зошто тоа го коментираат. Доколку се ботови, тоа е друга приказна која нема врска со информациите, туку се тоа веќе компјутери и информатика, вели меѓу другото Андоновиќ.
Тој вели дека нашите медиуми се зависни од другите медиуми кои известуваат од лице место од Украина. Кај нас вестите за Украина најчесто се преземаат од српски медиуми.
„Со оглед дека немаме наши македонски новинари во Украина, сепак кај нас се известува коректно. Српските известувачи од Украина се малку поруски настроени и диоментрално поразлично известуваат од тоа како ние би известувале, со оглед на тоа дека Србија не сака да биде дел од НАТО. На социјалните мрежи не треба да се забрануваат коментарите кои се проруски настроени бидејќи не треба да им се замери на тие луѓе кои се изнемоштени од евроинтеграциските процеси, дел од нив имаат симпатии можеби и поради православието. Но, како и да е се знае дека има војна во Украина, сите за тоа се информирани. Самиот податок дека се загинати околу 20.000 руски војници е шокантно и за нас тука во Скопје и за тие мајки во Москва“, истакна Андоновиќ.
Тој додава дека нашата држава отсекогаш беше проевропски настроена и смета дека руското влијание во нашата држава и помеѓу граѓаните е речиси никакво, бидејќи според него кај нас нема некој сериозен проруски политичар во македонската политичка сцена кој може да направи некакви поместувања во однос на глобалната политичка сцена. Додава дека кај нас дури и најголемата опозициска партија е за ЕУ и НАТО.
Андоновиќ потенцира дека во нашата држава недостасува стручна јавност.
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети