пишува: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
(Повод: „Како беше изведена криминалната приватизација“, автор Стојан Андов, „Фокус“ број 1259 од 22 ноември 2019)
Господинот Стојан Андов, во неговата колумна, во последниот број на неделникот „Фокус“, точно ги опишува последиците од криминалната приватизација во Македонија.
Немам намера ниту да го бранам моделот на трансформацијата на општествениот капитал, ниту владата на Црвенковски, чиј член бев и јас. Господинот Андов, како претседател на Собранието и коалиционен партнер во владата на Црвенковски, сигурен сум дека знае некои факти, а не ги спомнува во текстот.
Прво, Вие од говорницата на Собранието упорно го браневте предложениот модел на трансформација, дека работниците 40 години сме ги убедувале дека тие биле сопственици на општествениот капитал, односно кога на почетокот на 50-тите години се донесе законот за предавање на државните претпријатија и задруги во нивно управување. Притоа, јас не памтам кој било пратеник или министер на Вашата партија да се залагал за некој друг модел или друга постапка за донесување на овој закон.
Второ, повеќе од половина од книговодствената вредност на тој капитал беше „трансформиран“ според законот на Анте Марковиќ.
Трето, крајно упростено е гледиштето дека за сите овие последици виновна била „брзоплетата, нестручна и неодговорна политика на владата на Бранко Црвенковски, која не дозволила широка расправа“, кога се знае дека законот беше донесен во две фази.
Четврто, точно е г. Андов дека криминалната приватизација најмногу ги погоди Македонците. Само, исто така, е точно и дека некои кругови во земјата овој модел премолчено го поддржаа само затоа што со него се исклучуваше во овој процес да учествуваат и Албанците, чие учество на вработените во општествениот сектор во стопанството не беше повеќе од еден насто.
Петто, во ниедна во државите што го напуштија тој систем не се случи успешна приватизација, затоа што, како што велите, владите не дозволија широка расправа. Според тоа, во право е истакнатиот словенечки економист Јоже Менцингер, кога констатира дека „нема успешна и неуспешна приватизација, има само повеќе и помалку неуспешна приватизација“.
П.С. Во тоа време, освен незначителното учество на Албанците во општествениот сектор на стопанството, состојба што се наследи од претходниот период, не беше избран ниту претседател на собрание Албанец, не се дозволи да се конституираат општинските собранија во Тетово и Гостивар согласно резултатите од парламентарните избори, туку владата, слично како Лазар Колишевски на почетокот на 50-тите години, постави таканаречени повереници. За ова, никого, освен пратениците и министрите Албанци, главата не го болеше.