Од одредени центри вчера се појавија намерни дезинформации, дека пожарот којшто во Кочани беснееше пред пет-шест дена не бил изгаснат и повторно се разгорел. Се работи за ноторна невистина. Вчера во Кочани се појави сосема нов пожар, на сосема друга локација од претходната, од сосема друга причина, истакна в.д директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој посочи неколку примери на дезинформации, масовно ширени вчера за време на неколкуте пожари низ земјава.
Ангелов, во дел на денешната прес конференција адресираше неколку дезинформации поврзани со пожарите во Кочани и на други локации во земјава, кои, според него, биле намерно ширени од одредени политички центри.
„Од одредени центри вчера се појавија намерни дезинформации, дека пожарот којшто во Кочани беснееше пред пет-шест дена не бил изгаснат и повторно се разгорел. Се работи за ноторна невистина. Вчера во Кочани се појави сосема нов пожар, на сосема друга локација од претходната, од сосема друга причина“, информираше Ангелов.
Втора дезинформација, која како што рече Анелов, бесрамно беше ширена од одредени авторитети, е дека ЦУК не презел ништо, што е целосно неточно. „За каков неангажман на ЦУК, зборуваме, кога уште од раните утрински часови, од 6 часот наутро, хеликоптерот беше полетан кон Нагоричани?“, праша Ангелов.
Тој оцени дека одредени центри и авторитети намерно ширеле дезинформации и паника.
„Се создаде една паника. Паниката убива, и во војна, но и во мир. Не треба да се паничи, треба смиреност. И ако тоа не можеме да го очекуваме од еден просечен граѓанин, можеме да го очекуваме од сите авторитети, особено политичките, коишто, наместо да паничат, требаше да помогнат – со повици за смирување и со ангажирање на луѓе. Паниката не нè носи никаде, кога се тргна чад од Кочани, останаа два изгорени покриви на куќи. Ние немаме две изгорени куќи, имаме изгорено два покриви од куќи, имаме изгорено едно трло од кое овците беа тргнати“, посочи Ангелов на денешната прес-конференција во Скопје, нагласувајќи дека е најважно тоа што во сите пожари, благодарение на интервенциите, нема ниту една човечка жртва.