Гувернерката на Народната банка на РСМ, Анита Ангеловска Бежоска, на означувањето на официјалниот старт на проектот „Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“ на кој ДЗС работи со Шведскиот завод за статистика, рече дека статистичарите во изминатите години беа предизвикани не само од пандемијата, туку и зголемената дигитализација.
„Статистиката игра клучна улога во зачувувањето на вредноста на податоците. Во новата ера, кога имаме отворен пристап до повеќе извори на информации, не е доволно официјалните статистички податоци да се дисеминираат поефективно, туку е потребно пошироката јавност да ги прифати, разбере и да има доверба во нив“, изјави Ангеловска Бежоска.
Висококвалитетната и сигурна статистика, посочи Ангеловска Бежоска, е главното оружје против дезинформациите и лажните вести.
„Како ние како произведувачи на статистички податоци можеме да придонесеме во овој поглед. Се чини дека соодветното пренесување на нашите податоци во јавноста може да помогне да се истакнат статистичките податоци со низок квалитет. Треба да размислиме како да ги приближиме до јавноста статистичките производи од нашата работа. Точно е дека ние како централни банки на јавноста и доставуваме огромно портфолио на статистички податоци со многу димензии, мета податоци и јавни објаснувања, меѓутоа податоците или објаснувањата може да немаат ефект доколку не стигнуваат до јавноста и не влијаат врз нивните одлуки“, изјави Ангеловска Бежоска.
Според некои проценки до 2025, посочи Ангеловска Бежоска, глобално ќе се создаваат 463 ексабајти податоци секој ден.
„Ова значи генерирање огромен број податоци, што може да ги замати официјалните статистички податоци со што на луѓето ќе им се отежне процесот на нивно читање и разбирање. НБРМ во таа насока ја препознава важноста на комуникацијата и се вклучува во многубројни активности во таа област“, изјави Ангеловска Бежоска.
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети