Министерството за внатрешни работи нема да дозволи да се случи нов „27 април“, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР за ЦИВИЛ Медиа, додавајќи дека полицијата нема да направи никаков попуст за никакви инциденти.
„Никој ниту да не помислува на нов „27 април“, тоа знаеме дека беше иницирано од политички субјекти и ги повикувам сите да не помислуваат на такво сценаријо бидејќи македонската полиција ги штити институциите, јавниот ред и мир и граѓаните“, вели тој.
Ангеловски апелира на мирни протести, бидејќи секој има право на мирен и достоинствен протест.
„Сите насилници ќе бидат санкционирани и ќе одговараат доколку го нарушат јавниот ред и мир“, додаде тој.
Во однос на присуството на полските навивачи, Ангеловски нагласи дека полицијата презеде соодветни мерки и нема да дозволат да има некави инциденти.
Тој исто така додаде дека само двајца бугарски полицајци поднесоа понуда да дојдат да ги обезбедуваат фудбалерите на ЦЕСКА Софија, бидејќи тоа е дел од праксата.
„Политиката да се тргне на страна, тоа што ќе има само двајца полициски службеници од Бугарија нема врска со францускиот предлог. Тоа е пракса и договор со земјата домаќин, еве и нашите фудбалери кога одат некаде во странство и наши полицајци одат со фудбалерите и групата навивачи. Ако нашите служби проценат дека има потреба од нивно присуство ќе ги известиме нашите колеги од Бугарија. Сакам да ги уверам и фудбалерите и навивачите на Бугарија дека ќе бидат безбедни и нема да имаат никакви инциденти“, додаде тој.
Дехран Муратов