„По толку маки, апсолутно нашата држава заслужува да биде дел од Европската унија, иако има уште многу услови да се исполнат“, вели еден граѓанин на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – Дали заслужуваме да станеме дел од европското семејство.
Една граѓанка е децидна дека Европа не нè заслужува нас, бидејќи не е толку добра.
Друг граѓанин вели дека земјава заслужува да добие датум за преговори со ЕУ, бидејќи околу 80 отсто од работите се добро завршени, и дека останаа уште да се среди криминалот и корупцијата, што според него е околу 20 проценти и оти во наредниот период ќе се корегираат.
Една граѓанка вели дека не ги исполнуваме условите за влез во Унијата, бидејќи е премногу загадено.
„Администрацијата е катастрофа, едно ливче да извадам ме шетаат нон-стоп. За судството да не зборувам. Јас сум многу разочарана“, додава таа.
Друга граѓанка вели дека земјава заслужува да влезе во ЕУ, меѓутоа граѓаните не се психички подготвени за европските навики и вредности.
„Образованието ни е катастрофа, треба прво од таму да се почне. Младите не знаат што да прават, со една нога се во Европа, а со другата нога се тука“, истакна таа.
Еден граѓанин потенцира дека земјава заслужува да биде дел од Европа, меѓутоа треба да се среди катастрофалното судство, и додава „Европа знае се, од нив нема што да криеме“.
Дехран Муратов
Камера: Ангела Петровска
Монтажа: Биљана Јордановска












