Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалициите ВЛЕН и ЗНАМ, денеска до Собранието поднесе „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, информираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Во изјава пред Собранието, Мицевски посочи дека резолуцијата е составена од девет точки и има за цел, како што рече, да се стави крај на, според него, манипулативната кампања на СДСМ поврзана со прашањето за мигрантите. Тој најави дека резолуцијата е поднесена денеска и се очекува веќе утре да се најде на дневен ред.
На новинарско прашање во врска со резолуцијата што ја најави СДСМ, Мицевски изјави дека не веруваат во чесна намера од опозицијата, поради што поднеле сопствена резолуција во која, како што рече, се наведени сите потребни елементи за отфрлање на шпекулациите што изминатата недела се појавија во јавноста.
Претходно, СДСМ ја повика власта да ја потпише нивната резолуција со која, како што тврдат, експлицитно се забранува носење мигранти, обвинувајќи дека коалицијата ДПМНЕ – ЗНАМ со поднесувањето на контрарезолуцијата го потврдува постоењето на наводен договор „мигранти за пари“.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи вчера на новинарски прашања, оцени дека станува збор за тема што не постои и истакна дека ниту се водени разговори, ниту, како што рече, „на памет ни паѓа такво нешто“. Тој побара и Јавното обвинителство да се произнесе за, според него, ширењето паника и немир во јавноста преку изјавите на СДСМ.












