пишува: ГОРДАН СТОШЕВИЌ
(продолжение од 1 дел)
Ова е особено точно за религиозните идеи, но и главните концепти на науката, како филозофијата и етиката не се исклучок од ова правило. Во нивната сегашна форма, тие се варијанти на архетипски идеи создадени со свесно применување и прилагодување на тие идеи кон реалноста. Тоа е функција на свеста, не само да го препознаеме и асимилираме надворешниот свет преку вратата на сетилата отколку да го преточиме во видливата реалност на светот во нас, ќе рече Јунг.
Јунг го отфрла поимот табула раса, или идејата дека човечкиот ум е празна плоча при раѓање што треба да се напише само со искуство. Тој верува дека човечкиот ум ги задржува основните, несвесни, биолошки аспекти на нашите предци. Овие исконски слики како што првично ги нарекува, служат како основа за тоа како е да се биде човек.
Овие архаични и митски ликови кои ги сочинуваат архетиповите се наоѓаат кај сите луѓе од целиот свет, верува Јунг, и токму овие архетипови ги симболизираат основните човечки мотивации, вредности и личности. Тој верува дека секој архетип игра улога во личноста, но верува и дека кај повеќето луѓе доминира еден специфичен архетип. Вистинскиот начин на кој архетипот се изразува или реализира зависи од голем број фактори, вклучително и културните влијанија на поединецот и личните искуства.
Она што особено треба да се потенцира, е односот помеѓу оние кои го изнајмуваат својот труд и нивните наемници. Првите зачетоци на овие односи се јавуваат уште во Средниот век, кога се појавуваат првите земјопоседници, сопственици на земја и шума, кога за прв пат се појавува рентата. Буржоаски облик на феудална земјишна сопственост објаснета преку Рикардовата теорија. Време на предколонијализмот, кога поделбата на работата предизвикува нееднаквост изразена во касти, во кое свое место имаат и занаетчиите, припадниците на еснафот, или старите цехови. Со почетокот на колонијализмот во првите години од 16 век драстично се менуваат околностите, па како одумира класата на земјопоседници и феудални господари, така се воздигнува новата капиталистичка класа, буржоазијата. Време кога акумулацијата на капитал го трасира патот на општествената положба на класите, кога почнува да се води огорчена борба помеѓу мануфактурата и занаетот. Тоа е време на пост занаетчиското работење, мануфактурно, односи кои Адам Смит ги објаснува во основите на политичката економија.
До околу 1400 година, економскиот живот во Европа е суштински земјоделски, кој се занимава со проблеми од аграрна природа. Помеѓу 1400 и 1700 година, овој затворен круг се отвора и започнува спирално да се движи, во еден економски процес кој генерира растечки тренд на размена на стоки, идеи и желби, тоа е времето на предмануфактурно општество. Додека пак од 1700 година натаму, а особено подоцна со големата индустриска револуција, оваа спирала станува се повеќе експанзионистичка, да би денес имале ситуација во која целиот економски систем може да се одржи само со создавање на нови потреби од луксуз преку логиката на конзумеризмот и масовното трошење, станувајќи со тоа широко прифатен, но не обрнувајќи внимание на тоа што оваа стимулација на нови потреби е уништување на суштинската рамнотежа во рамките на природната средина.
Во рамките на затворениот систем кој преовладува – со значителни исклучоци – до околу 1400 година, парите во суштина се средство за размена, нешто за да се олесни размената на пазарот. Служат за „подмачкување“ на процесот на размена чијашто движечка енергија е природен циклус на земјоделски сезони, дополнети со вештини и физичка енергија на човекот. Од 1700 година, иако се задржува старата функција на “подмачкување” на економскиот систем, парите стануваат главно гориво што го активира моторот кој го придвижува целиот систем. Систем кој подоцна ќе акцелерира како резултат на првата индустриска револуција, каде под притисок на капиталот јазот помеѓу двете класи, буржоаската и работничката, станува се поголем.
Оваа промена во природата на парите Карл Маркс ја опишува како појава на капитализмот. Маркс станува вистински пророк кога е во прашање оваа поделба во нашето материјалистичко историско искуство. Првата индустриска револуција длабоко ги трансформираше условите за живот во држави како Велика Британија, Франција и Германија, менувајќи го лицето на нашата планета радикално – во однос на текот на времето отколку во која било претходна револуција во историјата на човекот. Маркс потенцира на моќта на капиталот како надворешна и видлива манифестација во експлоатацијата на трудот, но само како еден од аспектите на многу посеопфатна и радикална промена во целата рамнотежа помеѓу човекот и природата.
Оваа невидена промена на рамнотежата помеѓу човекот и природата денес на широко се дискутира во однос на екологијата, во однос на односот помеѓу човекот и природата. Но Маркс уште одамна беше длабоко критичен кон начинот на кој се врши прераспределба на средствата за работа преку размена со пари како само-генерирачки капитал, со цел да се оправда суровата технолошка експлоатација на планетата со која се зафатија индустриските општества на Западна Европа.
И како капитализмот акцелерира, така работничката класа се обидува да се позиционира во однос на буржоазијата, но историските околности покажаа и докажаа дека капиталистичкиот систем ја држи неа во подредена положба во однос на буржоазијата. Сите буржоаски револуции завршија неславно само поради реакционерноста на буржоазијата, се до големата Октомвриска револуција, која беше првата успешна револуција во историјата преку која пролетаријатот се избори за своите права. Благосостојба која траеше само седум децении. После крахот на социјализмот, работничката класа повторно е втурната во провалија, препуштена сама на себе, која се повеќе својот спас го гледа во граѓанскиот сектор поради опортунизмот на институционалната левица, која веќе одамна нема револуционерен карактер, туку салонски.
Затоа, било кога да слушнете од страна на институционалната левица дека ќе се заземе за работниците, а без притоа да ги загрози интересите на капиталот, немојте да верувате. Наместо тоа работниците треба повторно да станат предмет на интерес на малкумината вистински марксистички револуционери, кои ќе ги подготват за новите предизвици кои доаѓаат за нив, особено после економската криза која ќе настапи како резултат на оваа пандемија.
И како што вели Карл Маркс за време на говорот одржан за време на седницата во Демократското здружение во Брисел, на 9 јануари 1849 година, по повод прашањето за слободната трговија:
„Господа, не дозволувајте да се залажувате со апстрактниот збор слобода. Чија слобода? Тоа не е слобода на една одвоена личност кон друга. Тоа е слобода која ја ужива капиталот да би ги газел работниците.“